Шекеринска, Димитров и Жерновски и заблагодарија на Норвешка
Норвешка е 15-та од 29 земји членки на НАТО кои го ратификуваа Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата, почнувајќи од 8 февруари 2019 со ратификацијата од Грција.
Вицепремиерката Радмила Шекеринска со поздрав на норвешки јазик ја поздрави оваа одлука.
„Takk Norge! Норвешка го ратификуваше нашиот НАТО протокол!“, напиша министерката за одбрана на својот профил на „Фејсбук“.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров и се заблагодари на шефот на норвешката дипломатија и додаде дека за еден месец ја очекува во Скопје.
„Норвешка денес го ратификуваше протоколот, односно нашето пристапување во НАТО. Имаме уште помалку од половина земји членки. Со мерак ќе ја пречекам колешката во Скопје месецов.“, објави Димитров.
Неговиот заменик Андреј Жерновски порача дека следна земја која ќе го ратификува пристапниот протокол ќе биде Естонија.
„Благодарност до нашите пријатели од Норвешка кои го одржаа дадениот збор и на точно ветениот датум го ратификуваа Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Следна е Естонија.“, истакна Жерновски.

