Шекеринска: Aко Македонија го менува имиџот за себе во светот тоа ќе има влијание и во Грција
Замрзнатиот проблем со името во изминатиот период беше катастрофа за Македонија, но и лош развој на настаните за Грција, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска синоќа во Топ тема на Телма.
Според неа, ако Македонија го менува имиџот за себе во светот тоа ќе има влијание и во Грција.
„Ако ги погледнеме бројките на нивни инвестиции и на трговската размена се гледа дека Грција ја пропушти шансата да биде еден од најјаките играчи во Македонија, а преку нас и во регионот“ - рече Шекеринска.
Таа смета дека во суштина Грција во моментов не губи ништо особено од отворениот спор со името, но ако се анализира, посочи, што се случуваше во последниве 10 години ќе се види дека замрзнатиот спор и грчката блокада од 2008 година наваму не беше позитивна ни за нив.
