Шекеринска - Каракачанов: Веќе нема спорни прашања меѓу двете земји
Бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов денеска по средбата во Софија со македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска изјави дека Бугарија го поддржува членството на Македонија во НАТО и во ЕУ и по потпишувањето на Договорот за добрососедство веќе нема спорни прашања меѓу двете земји.
„За нас нема проблем со името на Република Македонија“- изјави Каракачанов.
Тој рече дека приоритет на бугарското претседавање со Советот на ЕУ што почнува од 1 јануари ќе биде евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.
Шекеринска вели дека потпишаниот Договор за добрососедство не е само парче хартија, туку платформа за градење успешна соработка меѓу Македонија и Бугарија во сите области.
Таа со Каракачанов разговарала за повеќе конкретни области меѓу кои за обука на армиските припадници, заеднички вежбовни активности и размена на искуства за реформите во одбраната и за евроатлантскиот интегративен процес.
Шекеринска и Каракачанов денеска во Софија потпишаа и два протокола за соработка во областа на военото воздухопловство и за лабораториски испитувања на горива, подмачкувачки материјали и специјални течности.
