Шефот на неврохирургија испрашуван во полиција, најверојатно за мито
Полицијата неколку часа го држела на распит директорот на клиниката за неврохирургија, Александар Чапароски, откако пациент пријавил дека тој му побарал мито.
Според информации на ТВ24, станува збор за татко на 14 годишно дете, кое требало да замине на лекување во странство, за што Чапарески, наводно побарал од родителите неколку илјади евра мито за упат и стручно мислење.
Неколку возила со полицајци утринава влегле во клиниката, по што директорот бил однесен на распит во некоја од полициските станици – раскажаа за ТВ24 извори од клиниката.
Од МВР го потврдија случајот, меѓутоа без да откријат детали. Оттаму само кусо информираа:
„По пријавата од граѓанин за побарано мито, пријавеното лице беше повикано на информативен разговор.“
Очевидците, кои сакаа да останат анонимни, велат дека по распитот Чапарески во својата канцеларија останал речиси еден час, по што брзајќи ја напуштил клиниката, а приватното возило го оставил на паркингот.
