Шефот на државата сака владата да го објави текстот на договорот со Бугарија
Шефот на државата Ѓорге Иванов ја повика владата да го објави текстот на договорот за добрососедство со Бугарија пред потпишувањето на документот. Според Иванов недостатокот на транспарентност предизвикува негативни коментари и загриженост во општеството, која треба да се надмине преку објавување на текстот пред потпишувањето на документот.
Претседателот потенцира дека секогаш треба да се имаат предвид националните и државните интереси на Република Македонија и дека ниеден меѓудржавен договор не треба да биде на штета на македонските национални интереси, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.
Вчера тој оствари средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, на која беше информиран за последната опција на договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.
Шефот на државата се обврзува да продолжи да учествува и во иднина во процесите на помирување и решавање на спорните прашања по мирен пат и преку политички дијалог во согласност со меѓународното право и добрососедските односи, за да се постигнат фер одлуки врз основа на принципите на меѓусебно почитување и поддршка и немешање во внатрешните работи на земјите, се вели во пораката на претседателската канцеларија.
Истовремено Иванов ја поздрави волјата и посветеноста на сите кои во изминатиот период беа вклучени во напорите за усогласување на договорот меѓу двете земји.
