Шефот на дипломатијата на Албанија употребил навредлива реторика кон Албанците во Македонија?
Според телевизијата Топ ченл (Top-channel), пратениците на Демократската партија, Белинда Келичи и шефот на нивната пратеника група во албанскиот парламент, Газмент Барди, денеска објавиле порака од групна комуникација на „Вацап“ во која, според нивните тврдења, шефот на дипломатијата, Ферит Хоџа, за Албанците во Македонија вели: „Што велат тие албански идиоти“.
Од Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија категорично ги негирале ваквите обвинувања, наведувајќи дека публикациите дистрибуирани денеска на социјалните мрежи се невистинити и немаат никаква врска со реалноста.
Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија во парламентот на Албанија, Газмент Барди, денеска го обвинил министерот за надворешни работи на земјата, Ферит Хоџа, дека во групна комуникација на апликацијата за пораки „Вацап“ (WhatsApp) употребил навредлив јазик кон Албанците во Северна Македонија, објавија албанските медиуми.
Нарекувајќи ја неговата наводна изјава скандалозна и неприфатлива, Барди побарал итна оставка од шефот на албанската дипломатија, посочувајќи дека таквата негова реторика го нарушува достоинството на Албанците поради што министерот не може да продолжи со извршувањето на своите должности, пренесе националниот радиодифиузен сервис на Албанија – РТА.„Оваа изјава е достојна само за Никола Пашиќ или Васа Чубриловиќ. Таквата реторика е спротивна на член 8 од Уставот на Република Албанија. Ферит Хоџа мора веднаш да поднесе оставка. Секое одложување е неоправдано. Премиерот (Еди Рама н.з.) има политичка и институционална обврска да го разреши без никакво двоумење и јавно и јасно да се дистанцира од оваа навредлива и неприфатлива реторика, која потсетува на темната реторика од минатото против Албанците“, навел Барди.
Во меѓувреме, од Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија категорично ги негирале ваквите обвинувања. Според портпаролот на Министерството, Алтео Хиси, публикациите дистрибуирани денеска на социјалните режи се невистинити и немаат никаква врска со реалноста.
фото принтскрин