„Шанса за Центар“: Продолжувањето на рокот за легализација е решение за продолжување на беззаконието
Од здружението „Шанса за Центар“ бараат од власта да се откаже од намерите да го продолжи рокот за легализирање на дивоградбите за дополнителни пет години преку законски изменикои веќе се во собраниска процедура.
„Дивоградбите се нормалното, ненормален си ако градиш по закон.
Така порачува државата. Продолжувањето на рокот за легализација е решение за продолжување на беззаконието.
ДКСК уште пред 5 години предупреди на високи ризици од корупција. Наместо реформа и анализа на нефункционалните процедури – повторно се нуди пролонгирање. Пролонгирањето не носи напредок – туку ја продолжува истата неефикасност. Во меѓувреме, нема јавни податоци, нема отчетност и нема вистинска реформа.
Светот инвестира во модернизација, автоматизација и паметни решенија.
Кај нас – се продолжува истата постапка која веќе трае со години. Ако можела да трае 15 години, сега ќе трае 20?“, реагираат од таму.
Барањата за легализација на бесправно изградени објекти можеа да се поднесуваат заклучно со март 2011 година, а рокот до кога предметите треба да бидат решени е 3 март 2026 година. Според подносителите, со измените не се менува ништо суштинско во однос на поднесување на барањата, туку само во рокот за решавање на предметите, кој се бара да биде продолжен за пет години
Владејачкото мнозинство во Собранието поднесе предлог-закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со кој наместо 15, рокот за легализација на објектите со ваков статус да изнесува 20 години.
