ШАХПАСКА НА СОСТАНОК СО ДИРЕКТОРИТЕ НА ГРАДИНКИТЕ - ги повика вработените што побргу да се вакцинираат, од септември ќе има повеќе деца
Бројот на вакцинирани вработени во скопските детски градинки е поголем и тој сега изнесува 65 проценти, вели министерката за труд Јагода Шахпаска.
Таа денеска имаше средба со директорите на скопските градинки, во пресрет на септември кога се очекува зголемен обем на присуство на децата во градинките.
Инаку, Шахпаска упати апел до сите вработени на градинките кои досега тоа не го сториле, што побргу да ја примат вакцината.
„Упатувам апел до вработените во градинките кои што досега не успеале од различни причини да се имунизираат, да пристапат кон процесот на вакцинација. Нивната одговорност е особено значајна, бидејќи тие пред сè со личната заштита се грижат за сопственото здравје, а со тоа придонесуваат за зачувување на јавното, општото здравје. Со доследното почитување на препораките на здравствените власти во градинките придонсесуваме и за здравјето на децата“, рече Шахпаска. .
Министерката на средбата со директорите посочила дека вработените во градинките треба доследно да го спроведуваат Протоколот за работа во услови на Ковид – 19.
Исто како и во претходниот период кога вработените покажаа високо ниво на свест и со својата одговорна работа не дозволија интерна трансмисија на вирусот, од МТСП очекуваат и овој пат вработените во детските градинки да одговорат на своите работни задачи.
Министерката посочи дека наскоро ќе одржи состанок преку апликацијата Зум и со другите директори од детските градинки низ државата.
