ШАХПАСКА - ќе има исклучоци од недела - неработен ден во здравството, полицијата, пожарната, тешката индустрија...
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на гостувањето во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат, рече дека како Министерство за труд и социјална политика задолжено за изготвување на новото законско решение за недела - неработен ден, е во координација со сите министерства и сите субјекти во општеството, со цел носењето на решение кое што ќе биде издржано и во интерес на целото општество.
„Измените на Законот за работни односи кој што е во ингеренции на МТСП конкретно во членот 134 го регулира неделниот одмор кој што треба да трае 24 часа непрекинато и по правило тоа е недела или пак некој друг ден од седмицата, како дел од важечкото законско решение, а во моментов ние работиме на овој дел,“ рече Шахпаска.
Таа истакна дека формирана е работна група во која се вклучени пред се министерствата за економија, транспорт и врски, информатичко општество и министерството за култура. Но исто така секојдневна комуникација и дискусија се води и со претставници на синдикатите, на работодавачите, коморите.
„Нашата идеја е недела-неработен ден, а исклучоци треба да има. Тоа се здравството, безбедносните сили, полицијата, противпожарната служба, тешката индустрија и сите дејности кои се од витално значење за општеството,“ истакна Шахпаска.
За измената во Законот за работни односи, кој што ги регулира договорите за работа, министерката појасни дека договорот за работа завршува со навршени 64 години старост и 15 години стаж доколку со друг закон не е поинаку решено, со исклучоци во оние дејности каде што има недостаток на кадар и каде што одењето во пензија би го загрозило функционирањето, тоа би било во здравството и високото образование. Притоа проценката ја прави менаџерот, директорот, раководителот, согласно потребите додека не се најде кадар кој што би го заменил дотогашниот.
„Суштината на оваа реформа е да отвориме простор, младите да ги вклучиме во работен однос“, истакна Шахпаска.
