Шабан Салиу назначен за Национален координатор за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите
Досегашниот министер без ресор Шабан Салиу објави дека му е доделена нова улога во владата - Национален координатор за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.
Одлуката била донесена на вчерашната владина седница, а за тоа Салиу му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски. Неговото разрешување како член на Владата беше дел од најавената реконструкција, а на негово место Собранието го изгласа Ерџан Демир за нов министер.
- Продолжуваме со координација на Националното координативно тело за следење на имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, и со борбата за подобро образование, поквалитетно здравство, поголема вработеност, подобри услови за живот и еднакви шанси за секој граѓанин. Само преку заедничка работа, дијалог и конкретни резултати можеме да изградиме поинклузивно и поправедно општество.
Ова назначување за мене претставува уште поголема обврска да продолжам посветено да работам за унапредување на правата, еднаквите можности и целосната инклузија на ромската заедница во сите сфери на општеството.
Им благодарам на Владата за укажаната доверба. Ќе ја оправдам со чесна, одговорна и транспарентна работа, секогаш во интерес на Ромите, објави Салиу.
Слично
