Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Сестрата со посебни потреби ми е најголема инспирација, мојот успех е резултат на пожртвуваноста на семејството“ - Интервју со Мартина Димоска, за патот до НАСА

„Сестрата со посебни потреби ми е најголема инспирација, мојот успех е резултат на пожртвуваноста на семејството“ - Интервју со Мартина Димоска, за патот до НАСА

„Најголемата ‘погрешна’ лекција ме научи да верувам во себе си. Еден период им верував на луѓе кои ми велеа дека не можам или дека нема да успеам. Најголемата поука за мене беше дека не треба да ги следиш мислењата на луѓе кои никогаш не го изоделе патот по кој ти сакаш да одиш, ниту се на местото каде што ти се стремиш да бидеш“ – вели во интервју за Женски Магазин, Мартина Димоска, првата жена од Балканот која стана аналоген астронаут и која имаше можност одблиску да ја следи мисијата на НАСА на Месечината, Артемис II.

„Патот од Кичево до Хјустон беше исполнет со предизвици“, признава младата Мартина Димоска, успешна Македонка која веќе цела деценија упорно работи на тоа да изгради кариера на полето на вселенските истражувања, а на Инстаграм е позната како Astro sMarta.

Разговорите со неа секогаш треба да бидат прецизни, затоа што со својот аналитичен ум ги лови сите недоследности и нелогичности во искажаното и знае да ве поправи кога грешите и сфаќате дека пред себе имате извонреден ум кој постојано работи на себе и се надоградува, нешто што во голема мера ѝ помогнало да стигне до таму до каде што е денес – иако израснала во средина каде што се верувало дека тој нејзин сон е недостижен.

Додека сите погледи беа свртени кон лансирањето на ракетата Артемис II, Мартина одлучи дека тоа е вистинскиот миг да ги сподели убавите вести и да ни открие дека таму некаде меѓу големиот број лица што следат како НАСА испишува историја е и нејзиното – на првата жена од Балканот која стана аналоген астронаут и е инспирација за голем број млади и талентирани луѓе во земјава.

Кои беа впечатоците од мисијата на Месечината, како изгледаше нејзиниот пат од Кичево до Хјустон, но и колкави се шансите човек од Македонија да стане астронаут? Со Марта разговаравме на голем број прашања, а ова е можеби нејзиното најискрено интервју досега, во кое зборува не само за успесите, туку и за жртвата што нејзиното семејство ја дало за да ѝ помогне да стигне до таму каде што е денес.

Ја натеравме Мартина да се „соочи“ со својата 14-годишна верзија и да ни каже што би ѝ порачала, но и да ни открие уште неколку забавни детали за себе.


ЖМ: Инстаграм заедницата те знае одамна, но македонската јавност те запозна одблиску кога стана првата жена од Балканот аналоген астронаут, учествувајќи во симулација на мисија на Марс. Колку ти се промени животот во овие 4 години? Кои се клучните успеси што денес би сакала да ги издвоиш од тој период?

Во минатото на Инстаграм споделував исклучиво креативна содржина. По совет од поискусни колеги и интелектуалци во Македонија, ја одделував мојата креативна страна од научната, ставајќи ги во два различни „сектори“.

Намерата веројатно беше добронамерна, но резултатот беше дека јавноста го гледаше само тој „забавен“ дел од мене, додека мојата научно-истражувачка работа, образованието и кариерниот пат остануваа во сенка.
Подоцна, за време на студиите во Америка и Франција, научив дека личноста не мора да биде сведена на еден сегмент или една траекторија.

Напротив, таа може да биде повеќеслојна, со различни димензии и изрази.

Токму затоа започнав да го споделувам целосниот спектар од тоа што сум – и креативното, и научното.

Научив дека во други култури луѓето не функционираат линеарно, ограничени на една единствена улога, туку постои простор за повеќеслојност, за изразување на различни аспекти од личноста и за прифаќање на различностите.

Клучните успеси јас лично ги мерам малку поразлично. Тие за мене се огледуваат во тоа колку врати сме отвориле и колку животи сме промениле.

Но, доколку зборуваме за тоа што „традиционално се смета како успех“, тогаш би сакала да издвојам дека она што започна како експерименти во рамки на моите магистерски студии, прерасна не само во интензивни тренинзи, туку и во учество во четири аналогни мисии:

Најпрво како аналоген астронаут во UND ILMAH мисијата, каде работевме со ISS-полетани експерименти како CardioBreath и ExoLab во соработка со NASA и Canadian Space Agency и други партнери;

Потоа како Crew Engineer на ESA-поддржаната APICES – ICEE SPACE мисија, каде командир на мисијата ни беше ESA Астронаутот Aleš Svoboda;

И понатаму како командант на мисиите SELENE (2023) и TERRA NOVA (Axiom-4 Mirror Mission, 2025) во LunAres Research Station, со поддршка од European Space Agency, Polish Space Agency, NASA и Axiom Space и други партнери.

На TERRA NOVA мисијата ми беше особена чест да спроведувам експерименти на Земјата паралелно со оние што астронаутите ги изведуваа во вселената, следејќи ги истите протоколи како Астронаутката Командир Пеги Витсон, меѓу кои и експериментот AstroMentalHealth.

Од наградите и признанијата за моите истражувања би ги издвоила изборот во ASCEND Diverse Dozen од страна на American Institute of Aeronautics and Astronautics, како и признанието Emerging Space Leader од International Astronautical Federation.

Мојот пат сè уште се гради, а искуствата што ги носам со себе се дел од еден континуиран процес на раст и учење и вложување кое трае повеќе од една деценија.

Како резултат на тој процес, се квалификував и за EB1-A, односно американска зелена карта за лица со извонредна способност, често нарекувана „Ајнштајнова виза“, категорија во која припаѓаат и поединци како нобеловци, добитници на Пулицерова награда, олимписки златни медалисти и водечки иноватори во своите области.

Ова претставува признание за врвни професионални достигнувања на меѓународно ниво.

Сето тоа ми даде и една подлабока слобода – слобода да ги следам сопствените интереси, да преминувам меѓу дисциплини и да ја градам мојата кариера без да бидам ограничена на една единствена улога.

ЖМ: Во твојата последна објава, кога впрочем соопшти дека работиш за НАСА во Artemis програмата рече дека еден месец си молчела за убавите вести? Тоа беше заради суеверие, во смисла веруваш дека колку помалку луѓе знаат за твоите планови – толку подобро,  или го чекаше вистинскиот миг за да нè изненадиш сите?

Не, не беше суеверие, туку едноставно почитување на протоколите и процесите што доаѓаат со ваква позиција.

Постојат детални безбедносни проверки и процедури за одобрување, а дополнително сакав и лично да се погрижам да ги поминам сите обуки поврзани со социјални медиуми и јавна комуникација и да креираме стратегија со сите надлежни во тимот.

Целиот тим е свесен за моето „онлајн“ присуство и меѓународен досег, па ми беше важно сè да биде усогласено со правилата и стандардите пред јавно да споделам.

Кога се работи за мојата нова работна позиција, во изминатиот месец се преселив во Хјустон и се приклучив на тимот во NASA Johnson Space Center, во рамки на договорот за Human Health and Performance преку Leidos, каде што работам како Program Human Systems Integrator, односно како Discipline Integrator во рамки на програмите за Extravehicular & Surface Mobility и Human Health and Performance во рамки на NASA директоратот - HHPD.

Во оваа улога го поддржувам Health and Medical Technical Authority (HMTA) при NASA Johnson Space Center, со фокус на заштита на здравјето на астронаутите и оптимизација на човечките перформанси за идни истражувачки мисии.

Работата вклучува усогласување со стандарди како NASA-STD-3001, координација помеѓу различни дисциплини во Human Health and Performance, како и соработка со програми како Human Landing System (HLS) и Commercial LEO Development Program (CLDP), со цел да се осигури дека human systems integration е целосно вграден во архитектурата на човечките вселенски мисии.

Искрено, чувството дека работам на вакви иницијативи и директно придонесувам кон иднината на човечкото вселенско истражување е сè уште нереално, но токму затоа сакав да го споделам во вистинскиот момент, кога сè е официјално одобрено.

Целото интервју прочитајте го во продолжение на Женски магазин

Слично

Поврзани вести