СЕСТРАТА НА ФРОСИНА ВЕЛИ ДЕКА КУКАВИЧКИ БРИШЕЛЕ ПРОФИЛИ: Бара да одговараат таткото на Јованов, но и судијката
Протест поради прегазувањето на Фросина Кулакова денеска имаше и во Кавадарци, а Росица, сестрата на девојката вели дека бараат да одговара и таткото на момчето кое ја прегази, како и судијката.
Вели дека тие наместо да изразат сочувство, кукавички бришат профили.
„Оној што не успеал да го воспита сопствениот наследник да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да бара доверба да управува со државата. Напротив, ваквите лица не смеат да добијат јавна функција. Ние за Фросина бараме правда, не само од убиецот, бараме да одговара и татко му Зоран Јованов и од судијката Даниела Алексовска Стојановска, кои не излегоа јавно да изразат сочувство за семејството, туку кукавички се кријат и бришат профили. Правда за Фросина мора да има“, изјави Росица, објави Макфакс.
Вториот собир ќе се одржи денеска во 17 часот пред Универзалната сала во Скопје.
Претходно, протести имаше во Скопје и во Неготино.Васил Јованов пред неколку дена на Партизанска во Скопје ја прегази Фросина. Тој немал возачка дозвола, но и бил пијан.
