Серум против каснување од змија - Не може да се купи во Македонија, но го има како бесплатен
Серумот како против-отров од каснување на змија не може да се најде во слободна продажба во Македонија, но може да се добие бесплатно доколку се поднесе барање до Министерството за здравство и во тој случај за истото треба да има одобрување во форма на донација.
Во изминатиот период на социјалните мрежи може да видат сведоштва на змии во урбани средини. Раздвижувањата на овие рептили во текот на годината најмногу се случуваат во топлите пролетни денови кога е сезона на парење.
Најмногу превентивна побарувачка од серуми има кај полските работници, земјоделците, собирачите на печурки и други кои работат на отворено надвор од градовите.
- Серум во приватна продажба не може да се купува од поодамна. Тоа можеше да се набави порано по цена од 2.400 денари, но со промена на некои прописи, серумите повеќе ги нема. Имам слушнато дека луѓе кои се плашат од змии го барале и по бензински станици надвор од градот, но тоа сега повеќе не е така - ни изјави доктор од една веледрогерија.

„Антивенин“ по правило треба да се дава во присуство на стручни медицински лица. Против-отров се дава само кога основните животни функции како дишење и работа на срце се загрозени или има индиции дека ќе бидат загрозени во наредните 15 минути по нападот од отровницата. Тој мора да се дава во адекватна доза која би била однапред препорачана од доктор. Се чува во фрижидер на темно место. Подолго време изложен на температура од +25 степени го прави неупотреблив.
- Најдобро е загрозеното лица да биде донесено директно во болница, но ако смета дека во близина нема медицински установи со против-отров, пожелно е да го има истиот кај себе па единствено да побара помош само за употребата - велат од Клиниката за токсикологија.
Во Македонија во просек има 100-тина каснувања од змии годишно, но смртните случаи се ретки. Отровни змии во нашата земја се поскокот и шарката.
А.К.
