СЕРИОЗНИ ОБВИНУВАЊА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВРАПЧИШТЕ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД - тврдат дека на градинката ѝ го одзел возилото за дотур на храна: Ги прекрши правата на децата
За градинка во општина Врапчиште се скарале тамошниот градоначалник и Министерството за труд и социјална политика, кое му ги одзело ингеренциите на градоначалникот за именување в.д. директор на таа јавна установа, и самото министерство поставило в.д. директор. Но, потоа градоначалникот и го одзел возилото за дотур на храна за децата на таа градинка, и затоа сега Министерството преку допис до медиумите реагира дека градоначалникот ги крши правата на децата.
Инаку, градоначалник на Општина Врапчиште е Исен Шабани, кој во 2021 година го доби вториот мандат да управува со таа општина, а тогаш беше наведено дека тој е од коалицијата Алијанса/Алтернатива, но веројатно сега е на страната на делот од Алијанса кој не е со власта, туку со опозицијата, па настанале кавги околу ингеренциите со Министерството за труд и социјала.
„Министерството за социјална политика демографија и млади, ги информира жителите на Општина Врапчиште, дека по извршен контролен инспекциски надзор во ЈОУДГ „Пранвера“ Врапчиште, е утврдено дека Општина Врапчиште по одземање на ингеренциите на градоначалникот на општината во делот на именување на в.д директор на установата и поставување на в.д. директор од страна на министерството, го одзела возилото од предучилишната установа (сопственост на општината) иако во јуни 2021 година го дала на користење на предучилишната установа на неопределено време.
Се до 31.01.2025 година кога е извршена законска смена на в.д директорот на предучилишната установа, истата го користела возилото за дотур на храна за 40 деца згрижени во објектот во с.Добри Дол.
Оттогаш па до денес храна во овој објект се доставува отежнато со помош на приватни возила.
Повторно градоначалникот на Општина Врапчиште и Општината Врапчиште вршат грубо кршење на Законот за заштита на децата, со оглед на фактот дека согласно истиот се основачи на предучилишната установа и се надлежни за непречено функционирање на установата, но во овој случај со попречување на секојдневниот тек на работите односно одземање на возило за дотур на храна, вршат груба повреда на своите овластувања, на штета на своите најмали жители на општината-децата.
За да биде иронијата поголема денес 10.02.2025 година од страна и налог на општината, исклучено е греењето и струјата во матичниот објект на градинката во с.Врапчиште кој е составен дел на училиштето, на температура од - 5 C степени.
Освен грубо кршење на законот, со последниот чин градоначалникот ги прекрши и правата на децата согласно Конвенцијата за правата на децата“, се вели во соопштението од Министерството за труд.
