СЕРАФИМОВСКА: Починатите во пожарот се на возраст од 14 до 25 години од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип
Загинатите во пожарот во Кочани се млади луѓе од повеќе градови.
„Починатите лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип“, изјави денеска директорката на Болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска.
Кај нив се хоспитализирани 20 пациенти од 18 до 23 години. Директорката кажа дека првиот повик дека има пожар го добиле во 2:48, за 30 минути се екипирала цела болница. Стигнале 70 пациенти, биле со изгореници и со труења од јаглерод моноксид.
„Носеа починати лица, но имаше и што починаа на прием. Бидејќи немаме доволно возила, се јавив кај сите болници во Источна Македонија, а почнаа и да пристигаат возила за Брза помош од Скопје и Велес. Се транспортираа потешко повредените до Штип и во Скопје“, додаде д-р Серафимовска.
Загинаа 51 лице. Според првичните информации, пожарот настанал поради употреба на пиротехника.
фото принтскрин
