Сенаторот и соработник на Трамп, Рон Џонсон ќе се сретне со Заев
Американскиот сенатор Рон Џонсон, денеска во Скопје ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, спикерот Талат Џафери и останатите лидери.
Tој во Сенатот предложи резолуција за поддршка на Договорот од Преспа.
Џонсон е еден од највисоко рангираните соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, задолжен за специјални мисии.
Републиканецот од Висконсин е претседавач на Комитетот за национална безбедност и владини работи и на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна политика.
Резолуцијата во Сенатот за поддршка на Договорот од Преспа ја поднесе заедно со демократот Крис Марфи.
„Ако биде ратификуван, договорот ќе ѝ го отвори патот на ’Република Северна Македонија‘ да се приклучи во НАТО и ЕУ, ќе ја отстрани ранливоста во Западен Балкан и ќе ја намали можностите за руско мешање. Русија се обидува да ја поддржи опозицијата за поткопување на договорот, на што Грција одговори со протерување четворица руски дипломати“- стои во резолуцијата.
Џонсон доаѓа во Скопје веднаш по посетите на германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во пресрет на референдумот за името на 30 септември.
Ќе ги посети Грција, Србија и Косово.
