СЕММ: Со текстот „Членка на УО на МЕПСО нарачала и платила нефункционален систем: Заработи кривична пријава“, фактор.мк не ги прекршил етичките и професионални стандарди
Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата
одржана на 12 март 2021 година, врз основа на примена жалбa од адвокат Горан Андревски,
ја донесе следната одлука дека Интернет – порталот „Фактор“, со текстот насловен „Членка на УО на МЕПСО нарачала
и платила нефункционален систем: Заработи кривична пријава“, не ги прекршил
етичките и професионални стандарди.
ЖАЛБА
До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 22 февруари
2021 година, адвокат Горан Андревски, во својство на полномошник на Катерина Глигорова
од Скопје, поднесе жалба за текстот со наслов „Членка на УО на МЕПСО нарачала и платила
нефункционален систем: Заработи кривична пријава“, објавен на 21 февруари 2021 година,
на интернет – порталот „Фактор“ (www.faktor.mk).
Во жалбата се наведува дека во оспорениот текст е повреден принципот на презумпција на невиност и заштита на сведоци и дека има нарушување на приватноста и објавување на лични податоци, односно дека Кодексот на новинарите е прекршен во членовите 7 и 8.
Пoдносителот на жалбата смета дека порталот „Фактор“ се ставил во позиција на суд и си дал
за право да објави содржина со која самиот медиум веќе го осудил настанот, а членот на
Управниот одбор го огласил за виновен како навистина да го сторил делото за кое е
осомничен. Адвокат Андревски посочува дека се работи за поднесена кривична пријава под
сомнение за сторено кривично дело, а не за завршен судски процес и дека медиумот не смеел
да пласира информации како да е веќе пресудено со правосилна судска пресуда. Според него
дали навистина осомничениот го сторил делото е предмет на докажување, во соодветна
постапка. Андревски во претставката вели дека секој е невин сè додека не се докаже
спротивното и цитира член од Законот за заштита на лични податоци, во делот на
дефинирање на поимот личен податок.
„Видно од содржинатa на соопштението може да се утврди дека покрај иницијалите на членот на Управниот одбор, се открива работното место, друштвото во кое работи, полот на пријавената начин што во објавите стои ,,го оштетиЛА’’ , ,,потпишаЛА’’, ,,потврдиЛА’’ и слично, при што на ваков начин пријавената лесно се идентификува. Постапувајќи на погоре опишаниот начин, медиумите ја повредуваат приватноста на членот на Управниот одбор на начин што го откриваат неговиот идентитет. Поради откривањето на идентитетот на членот на Управниот одбор за кој се пласираа / објавија информации како да е виновен за делото за кој е осомничен, сега истиот се соочува односно е изложен на срам и непријатности во неговата поблиска средина и општеството воопшто, поради што е нарушена неговата чест и углед“, се вели во поднесената претставка.
Адвокат Андревски, меѓу другото, како полномошник на жалителката Катерина Глигорова,
побара од медиумот да објави демант за пласираната информација, извинување за
нарушување на нејзината привaтност, како и да ја отстрани спорната содржина.
ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на
Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со порталот
„Фактор“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Одговорниот уредник на
медиумот, Александра Томиќ, одговори на наводите на жалбата.
Томиќ наводите во претставката ги отфрла како неосновани и неточни, зашто, како што
посочува, текстот бил објавен врз основа на испратено соопштение од страна на Управата за
финансиска полиција. Таа појаснува дека предметното соопштение било објавено од „Фактор“
без никакви додавки и наводи во однос на идентитетот на лицето или, пак, во однос на
основаноста на поднесената кривичната пријава и сомнението за стореното кривично дело.
Томиќ дополнува дека во содржината биле изнесени само иницијалите, како што стоело во
соопштението, и оттука медиумот не сторил повреда на приватноста и на личните податоци
на подносителот на жалбата, ниту, пак, ја повредил неговата презумпција на невиност.
„Фактор.мк не ја повредил презумпцијата на невиност, затоа што никаде во текстот не се тврди дека станува збор за лице кое е осудено, ниту, пак, дека поднесената кривична пријава е основана, ниту, пак, дека ова лице го сторило кривичното дело кое му се става на товар од страна на Управата за финансиска полиција, претходно во ниту еден момент и на ниту еден начин“, се вели во одговорот на жалбата.
Од порталот „Фактор“ додаваат дека основната улога на медиумите е да известуваат за
преземените активности на институциите, како во случајов, со Управата за финансиска
полиција и дека таквото известување не смее да се смета за прекршување на новинарските
стандарди.
ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ
Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и едногласно одлучи дека нема
прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.
Комисијата во оспорениот текст не констатираше повреди на принципот на презумпција на
невиност и заштита на сведоци, нарушување на приватноста и објавување на лични податоци,
ниту прекршување на Кодексот на новинарите во членовите 7 и 8, на кои упатува жалителот.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА
На седницата на 12 март 2021 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина. Најпрво, заклучија дека не можат и немаат право да ги утврдуваат фактите наведени во неа. Надлежност на Комисијата е единствено да утврдува дали се почитуваат етичките и професионалните стандарди во новинарскиот производ. Комисијата едногласно утврди дека текстот на интернет - порталот „Фактор“ ги почитува етичките и професионалните стандарди и дека не отстапува од Кодексот на новинарите на Македонија.
Се работи за пренесување јавно достапна информација, пласирана од државен орган, во случајов, соопштение на Управата за финансиска полиција за поднесена кривична пријава против поранешен член УО на МЕПСО под сомнение за несовесно работење. Соопштението е пренесено речиси дословно и без какви било дополнителни интервенции, што самото по себе укажува на тоа дека не се работи за авторски текст. Медиумот никаде во содржината не прејудицира вина, не се поставува во позиција на суд, ниту наметнува тенденција дека се работи за правосилна пресуда, како што цени жалителот.
Напротив, во содржината е наведено дека е поднесена кривична пријава и дека станува збор
за осомничено лице. Новинарите немаат обврска дополнително да ја проверуваат точноста
на официјалните соопштенија на државните институции и истражните органи, а во случај на
евентуална неточност, товарот на одговорноста паѓа на самата институција, а не на
медиумите. Во таа насока, Комисијата не најде елементи дека е повреден принципот на
презумпција на невиност и заштита на сведоци, на кои упатува жалителот.
Комисијата за жалби оцени дека текстот произлегува од јавниот интерес, зашто
информациите поврзани со работата и евентуалното несовесно постапување на носителите
на јавни функции е легитимна новинарска цел и не смеат да бидат изземени од теми за кои
јавноста треба да биде информирана. Во текстот не е објавен идентитетот на осомниченото
лице, туку се наведени иницијали, како што е посочено и во самото соопштение на
Финансиската полиција. Најпосле, се работи за поранешен носител на јавна функција, кој
подлежи на посилен јавен надзор и чија заштита на приватност, во одредени случаи, може да
биде поограничена во однос на приватните лица. Став на Комисијата е дека во случајов,
јавниот интерес надвладеал над правото на личноста да ја заштити својата приватност.
Сумирајќи го актуелниот оспорен текст и приложената документација, а земајќи го предвид фактот дека вкупно 26 медиуми беа предмет на жалба на ист подносител за речиси идентична содржина, Комисијата во поднесените претставки на жалителот препознава елементи за одреден притисок врз медиумите, на што укажаа и дел од нив. Самото барање на жалителот медиумите да ја избришат содржината или да упатат јавно извинување поради текст кој дословно пренесува соопштение на државен орган, за Комисијата за жалби е во најмала рака тенденциозно.
* * *
Комисијата при одлучувањето го зеде предвид и:
* Член 4 од Декларацијата за слобода на политичката расправа во медиумите (Комитет
на министрите на 872 состанок од 12.12.2014) каде се вели дека:
„Функционерите мора да го прифатат фактот дека се, особено преку медиумите, подложни на
јавен надзор и критика за начинот на кој начин ги обавувале или ги обавуваат своите
функциии, ако тоа е потребно за обезбедување транспарентност и одговорно вршење на
нивните функции.“
