Семејство од Швајцарија подарува 16 милиони евра: Се откажуваат од богатството и луксузот – имаат јасен услов за донациите
Едно семејство од Швајцарија, кое располага со богатство од повеќе од 15 милиони швајцарски франци (околу 16 милиони евра), донело несекојдневна одлука – речиси целиот имот да го донира. Наместо живот во луксуз, тие избрале да го насочат својот капитал кон општествено корисни цели. Како што објавува Blick, одлуката не била донесена преку ноќ, туку е резултат на долгорочно размислување за вредностите, одговорноста и иднината на планетата. Мајката, 64-годишна медицинска сестра, признава дека отсекогаш чувствувала одредена нелагодност поради богатството. Таа пораснала во скромно земјоделско семејство со десет деца, каде што материјалните услови биле ограничени, но вредностите јасно поставени. – Кога во недела ќе поминуваа богатите со спортски автомобили, ние ја вртевавме главата – се присетува таа. Токму поради тоа, богатството кое нејзиниот сопруг го донел во бракот никогаш не го доживувала како нешто што навистина им припаѓа. Сопругот, архитект од втора генерација, го наследил имотот по смртта на својот татко. Иако пораснал во стабилни услови, нагласува дека семејството не живеело раскошно. – Татко ми секогаш носеше иста облека, а на одмор одевме како и сите други – вели тој. По наследството, семејството свесно одлучило да продолжи со умерен начин на живот, оставајќи го најголемиот дел од средствата недопрени. Децата биле изненадени кога дознале за вистинската вредност на семејното богатство. – Тој износ ме шокираше – вели 29-годишната ќерка. И покрај тоа што поседуваат куќа на атрактивна локација во источна Швајцарија и викенд-куќа, тие намерно избегнувале луксузен животен стил. Клучниот момент за одлуката дошол пред околу три години, кога ќерката, која се занимава со екологија, станала свесна за размерите на климатската криза и загубата на биодиверзитетот. – Кога сфатив што се случува, ми стана јасно дека не можеме повеќе да чекаме. Мора да делуваме – изјавила таа. И нејзиниот брат ги дели истите ставови, иако признава дека на почетокот имал дилеми за сигурноста во иднина. За да донесат заедничка одлука, семејството повеќе од една година работело со професионален советник. Процесот бил дискретен, а за нивната намера знаеле само најблиските. Првите конкретни чекори веќе се дефинирани. До крајот на 2026 година планираат да донираат околу 1,5 милиони франци на фондации кои поддржуваат проекти за заштита на климата, а дополнителни донации се во подготовка. Семејството ќе задржи дел од средствата и недвижностите за основна сигурност, но поголемиот дел од богатството планира да го подари. – Единственото од што се откажуваме е луксузниот живот, а тоа денес го сметаме за несоодветен – заклучува ќерката.
