Селами: Ќе го потпишам пописот за да се зголеми довербата кај населението
Илми Селами, заменик-директорот на Заводот за статистика, вели дека во Законот за попис е предвидено и тој да го стави потписот на статистичката операција покрај оној на директорот Апостол Симовски за, како што вели, да се зголеми довербата кај населението во резултатите. – Прво, за да се подели одговорноста и да на се остават многу работи и одговорности само врз еден човек и второ, да се зголеми довербата во организирањето и спроведувањето на пописот. Јас во ова гледам промотивно и афирмативно и никако од призмата на недоверба. Впрочем и едниот и другиот во нашето работење сме обврзани да работиме во согласност со словото на законите во државата. Обврзани сме да го спроведеме законот за попис и во рамките на нашиот делокруг на работа нема ништо што би не ставил во позиција на меѓусебна колизија и кратки споеви. Боже мој, на крајот на краевите, за секое однесување секој си сноси одговорност сам за себе, вели Селами во денешното интервју за Вечер Прес. Тој вели дека нема да има тимови на попишувачи во мешан состав, туку дека ќе одат поединци од врата на врата.
– Попишувачот е човек од населбата, односно маалото и тој ги знае тие што ќе ги попишува и тие што се попишуваат го знаат него. Евентуално може да отидат двајца попишувачи доколку некое лице што се попишува бара да се попише на јазик кој што не го знае и не го зборува претходниот попишувач. Тогаш секако дека е потребно да биде повикан и ангажиран друг попишувач кој го знае јазикот на кој одредено лице побарало да биде попишувано, гласи одговорот на Селами.
