Села останува во Влада, си ги задржува сите позиции
Алијансата за Албанците останува во владината коалиција со СДСМ и ДУИ. Одлуката била потврдена во саботата на средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.
Алијансата, како што рече портпаролот на партијата Флакрон Беџети, продолжува да биде дел од Владата со своите претходни позиции.
„Средбата беше конструктивна, во позитивен дух, на која меѓу другото се разговараше за продолжување на реформите, со заедничка посветеност на реформската влада. Алијансата за Албанците продолжува да биде дел од Владата со оние позиции кои претходно беа договорени во составот на парламентарното мнозинство и создавањето на реформската влада“, изјави Беџети.
Во однос на тоа дали веќе има наследник на Арбен Таравари на позицијата за министер за здравство, откако тој стана градоначалник на Гостивар, Беџети вели дека уште нема конкретни имиња за оваа владина позиција.
„Прво очекуваме централното претседателство на партијата да назначи лице кое ќе го наследи Таравари, а потоа и ќе излеземе со официјална информација“, одговори Беџети.
