СЕКОЈА ЗЕМЈА ИМА СВОИ ТОП СУВЕНИРИ: Што најчесто купуваат странците во Македонија?
Креирани се мапи кои покажуваат кои се најпопуларните сувенири во земјите во светот и некаде тоа се кломпи, некаде часовници, беретки, џемпери, чоколади, украсени јајцa, а за Македонија блогерите навеле дека најпознати сувенири се бисерите, филигранот, рачните изработки, но ги набројуваат и зачините, ајварот, ракијата, сирењата и слично.
Магнети, разгледници, локум, чанти се дел од работите кои странците ги купуваат при посета на Македонија. Имало и поспецифични ситуации, кога туристи се распрашувале во која пошта можат да си набават поштенски марки за своите колекции.
„Сѐ зависи од каде доаѓаат туристите. Има категорија на луѓе кои освен што ќе потрошат пари за јадење и пиење, нема ништо друго да купат, а има и други со поинаков менталитет кои купуваат од рачни изработки, опинчиња, магнетчиња, охридски бисери до рубини. Широк е спектарот на сувенирите кои ги купуваат. Шише вино земаат тие што се љубители на виното. Од бившите југословенски републики, Хрватите, Словенците купуваат сувенири, Бугарите исто купуваат. Земаат рачни изработки, чанти, ремени од чаршија, изработки од дрво, тоа се тие работи. Ако се работи за Американци, Австралијанци можеби повеќе сакаат некое шише вино. Скандинавците ретко купуваат сувенири. Има колекционери кои купуваат стари часовници, марки. Некои купуваат и икони и тоа се најчесто туристите од провославните земји“, вели Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи.
Странците сакаат да купат сувенири со печат на градот кој го посетиле. Не одолеваат и на локалната храна.
„Купуваат к’цана сол, буковка, везени пиперки во мали пакувања, мед, планински чај, општо за сите чаеви се заинтересирани, вино, домашна ракија. Купуваат и локални сирења. Сега се популарни магнетите. Бараат мотиви од кулите, од мостовите, од архитектурата во Кратово. Има голем избор на магнети. Ова се однесува за Полјаците и Чесите, но доаѓаат туристи и од Германија, Белгија. Ги има и постари и помлади. Треба на повеќе локации да има сувенирници. Скоро секој град во Македонија си има свој бренд, било да е тоа локум, маџун, вино“, кажа Стевче Доневски, хроничар и локален водич од Кратово.

Приврзоци за клучеви со Ајфеловата кула, беретки и парфеми се најпопуларните сувенири во Франција. За Британија е наведено дека најпродаван сувенир е чадорот. Во Полска, накитот од килибар е атрактивен за посетителите. Во Тајланд најпознати сувенири се свилени шалови, статуи на Буда, кокосово масло, додека во Мароко се продаваат месингани фенери, килими, садови за готвење. Во Кенија најпознати сувенири се накит од монистра, дрвени скулптури од диви животни, племенски маски, ткаенина. Во некои земји и традиционалните парчиња облека важат за најпродаван сувенир.
Сања Атанасовска