„Секоја трка е борба со себе, уморот, сомнежот но и победа над сопствените граници“: Интервју со Марија и Снежана - непобедливото дуо во трчање!
Иако кога ќе ги видите една до друга ќе помислите дека се сестри, нема да сте далеку од вистината. Можеби не се сестри по крв, туку сестри по спорт!
Марија Остојчиќ и Снежана Димовска се две спортистки кои со гордост нижат награди, титули и освоени први места во дисциплината трчање. Две жени кои уживаат во овој спорт, мотивираат со својот начин на размислување, позитивна мисла и борбен карактер.
Во ова интервју на Женски Магазин, имавме чест да разговараме за нивните досегашни натпреварувања, патот до успехот, тајната на балансирање на приватниот живот и спортскиот порив и нивното пријателство кое настанало благодарение на трчањето.
Марија Остојчиќ (45) работи како виш стручен соработник во Секторот за внатрешна ревизија во „Макпетрол“ АД, додека пак Снежана (46) е стручен соработник за одобрување и користење на кредити во „Комерцијална Банка АД“.
Интересно за двете дами е тоа што тие веруваат дека секој човек може да ги помести своите граници без разлика на возраста, обврските или физичката подготвеност.
ЖМ: Како се запознавте? Дали љубовта кон овој спорт ве спои?
-Се запознавме на трките во Скопје, но за многу кратко време почувствувавме дека нѐ поврзува нешто многу подлабоко од спортот. Нашиот енергичен карактер, позитивна енергија, детски дух и широка насмевка беа причината поради која многу брзо се зближивме и станавме блиски како сестри. Многу девојки мислат и дека сме вистински сестри!
Во денешно време реткост е да најдеш личност што ќе ги дели истите вредности, страсти и погледи кон животот. Да имаш некој кој те надополнува, мотивира и поддржува во убави, но и во тешки моменти е вистинско богатство – раскажуваат Марија и Снежана.
ЖМ: Како почнавте активно да се занимавате со трчање?
Марија: Почетоците со трчањето кај двете се различни, но заедничка ни беше љубовта кон движењето и природата, енергичниот карактер и авантуристички дух. Јас отсекогаш сум била голем вљубеник во природата, шумите, планините.
Брзото темпо на живот во градот и недостатокот на доволно време за себе како млада мајка беа главните причини да започнам со трчам. Сакав за пократко време да доживеам повеќе убавини и да го искачам Водно. Морам да признаам дека на почеток ми беше многу тешко, секој чекор беше предизвик.
Но месец по месец, година по година, мојата кондиција се подобруваше и со тек на време планинското трчање стана моја рутина и начин на живот. По неколку години, по препорака на моја добра пријателка решив да се пробам и со улично трчање и да се приклучам во клуб. Денес сум вљубеник и во уличното трчање, планинското трчање и од минатата година и во дуатлонот. Сфатив дека границите постојат само ако сами ги поставиме.
Снежана: Секогаш спортот бил дел од мојот живот. Како мала бев дел од карате репрезентацијата на РСМ, во традиционално карате, со многубројни успеси и награди како млада и надежна репрезентативка. Секогаш се смеам на моментот кога ќе направам споредба за тој период кога трчав по улиците на Скопје и денес кога тоа е нормално и не те гледаат зачудено.. што прави девојчево?
Таа љубов кон спортот ме насочи да запишам спортско училиште и да дипломирам како професор по Физичко воспитување и образование, нешто подоцна станав Магистер по маркетинг менаџмент. Од 2017 год. за првпат почнав да се натпреварвувам во трчање, моја прва трка беше „Женска трка Авицена“ и како за мотив и ветер во грб го освоив второто место во генерален пласман.
ЖМ: Колку трки имате истрчано досега?
-Досега имаме истрчано повеќе од 100 трки -улични, планински, државни првенства и дуатлон натпревари. Секоја трка носи нови искуство, нова лекција и нова приказна. Секоја трка е борба со себе, со уморот, со сомнежот но и победа над сопствените граници.
Границите постојат само во нашата глава, но со упорност, дисциплина и позитивна енергија, можеме да постигнеме многу повеќе отколку што сме мислеле дека е возможно – велат двете маратонки.
ЖМ: Колку први места сте освоиле? За кое најмногу сте се „измачиле“?
Марија:Натпреварувањето во различни дисциплини и дистанци од 3, 5, 10, 15, 21 до 42 км и државни првенства ми донесе многу награди и признанија. Но најдраги ми се трките каде што мораш да го дадеш својот максимум.
Како најнови, можам да ги издвојам последните четири трки годинава, каде имам три први шампионски места, меѓу кои планинска трка „Крали Марко траил“ 13км - тежок и технички терен кој бараше максимален фокус и издржливост.
Посебно сум горда на последната планинска трка на која настапив, „Водно Матка Траил“ 32 км со 1650 висинска разлика каде завршив со второ место во генерален пласман жени. Тоа беше трка на која 4 пати го искачував Водно и го трчав цело Водно наоколу, борба со заморот, но и победа над себеси. Од 180 тркачи од различни земји, успеав да бидам во топ 10 во вкупен пласман, момент кој ќе го паметам засекогаш.
Снежана: Како што напомена Марија, трчаме различни дисциплини и дистанци, постојано се спремаме и си задаваме нови предизвици и цели. Сите победи и сите истрчани трки ми се поддеднакво драги и за сите имам спомени кои ќе ги паметам цел живот.
ЖМ: Дали досега сте се натпреварувале на Светски/Европски трки?
-Секако, во текот на овие години имаме трчано и надвор од Македонија. Трките ги спојуваме со патување, запознавање нови култура и убавини. Имаме учествувано на полумаратони во Србија, Грција, Црна Гора, Кипар, Холандија и други земји. Секоја нова трка во друга земја е ново искуство и нова испирација – велат атлетичарките.
ЖМ: Кој е вашиот персонален рекорд?
-Земајќи предвид дека сите дисциплини се различни, персоналниот рекорд е нашата најголема мотивација. Најголемата победа не е против другите, туку против себе. Секој нов тренинг, секоја нова трка е можност да се надминеш и да станеш подобра верзоја од себе – изјавија Марија и Снежана.
ЖМ: Колку трчањето помага во менталното здравје? Дали повеќе сакате да трчате сами или со друштво?
-Трчањето не е само спорт за нас, тоа е начин на живот, простор каде ја наоѓаме својата сила, мир и инспирација. Трчањето е одличен лек за менталното здравје и душевниот мир, време посветено за себе, вистинска медитација.
Можеби не е лесно да се трча, посебно не во лоши временски услови, ветар, дожд, снег, без оправдувања и изговори, но чувството после добро истрчан тренинг е незаменливо. Дисциплина, конзистентноста и упорноста се вредности кои што дефинитивно даваат резултат и истите ги применуваме и во други сегменти од нашите живот – кажаа тие.
ЖМ: Дали трчањето низ град повеќе ве исполнува, или сакате поголеми предизвици по неасфалтирани патеки?
-Мојата прва и најголема љубов ми е планината, ако треба да бирам, нејзе би ја избрала. Планинското трчање е друга димензија, таму покрај кондицијата, многу е важен и фокусот, концентрацијата и менталната сила. На планина секој чекор е нов предизвик, секој камен е нов тест, но токму поради тоа, таму се раѓа вистинската сила – вели Марија.
ЖМ: Која локација низ Македонија ви е најубава за трчање?
-Македонија е прекрасна, навистина има премногу убави места за трчање-планини, шуми, езера, низини, долини. Секое место има своја магија. Прекрасна природа имаме само мора да научиме да ја чуваме.
Жално е што како народ многу малку се грижиме за нашите природни богатства, не ги цениме доволно. Треба да бидеме повеќе во природа, да ги уживаме нејзините убавини, посебно со семејството, само така можеме да бидеме вистински среќни и исполнети – се согласија спортистките.
ЖМ: Како ја одржувате формата?
-Формата ја одржуваме со секојдневни тренинзи. Покрај трчањето и возењето, со Снежана практикуваме и вежби за зајакнување и истегнување на целото тело кои се многу важни за стабилност, превенција од повреди и подобра издржливост.
Овие тренинзи траат околу 40 минути во денот, но се клучни за телото да биде силно, стабилно и подготвено за сите предизвици. Токму од ова, се роди и идеја да формираме група со девојки за вежбање во природа. Наша цел е да создадеме заедница каде што жените ќе се мотивираат меѓусебно, ќе се инспирираат и ќе стекнат самодоверба преку движење и спорт –раскажаа тие.
РЖМ/Јована Трајковска
Фото: Приватна архива
*ЗАБРАНЕТО ПРЕЗЕМАЊЕ НА СОДРЖИНАТА!*
