Секој што мисли дека работата е завршена веројатно е наивен, вели Јотова за Македонија
Ситуацијата со Македонија е комплицирана, вели потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.
Додаде дека секој што мисли дека работата е завршена веројатно е наивен. За БНТ, Јотова истакна дека вистинската реализација на постигнатото решение ќе започне наесен. Таа очекува во претстојниот период Европската комисија и земјите во Советот да бидат внимателни и да не дозволат „работата“ да се врати на почетните позиции.
„Во лето не работат европските институции, но од есен ќе почне процесот. Отсега ќе има неколку инспекции од Европската комисија, неколку извештаи од евалуацијата на Советот, каде Бугарија ќе мора секој пат да потсетува на својот став“, изјави Јотова.
Таа им се заблагодари на француските власти што го сфатиле бугарскиот став – за вклучување на Бугарите во Уставот на земјава, како што вели, пред вистинскиот почеток на преговорите. За неа францускиот предлог е голем дипломатски успех за Бугарија. Јотова вели дека соседите треба да бидат дел од европското семејство. Во Македонија имаше голем отпор кон францускиот предлог, за што граѓаните протестираа.
