СЕКОЈ ЛИЧНО ЌЕ ОДЛУЧИ ДАЛИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРА, РИЗИЧНИТЕ ГРУПИ ИМААТ ПРИОРИТЕТ - стартуваат подготовките за вакцинација
Директорите на здравствените домови од цела држава вчера биле на заедничка маса со министерот за здравство Венко Филипче. Клучна тема била вакцинацијата, во смисла чување и дистрибуција на вакцината против ковид-19, начинот на нејзина апликација, процесот на вакцинирање и како тоа ќе се закажува преку системот „Мој термин“.
На директорите на здравствените домови им било посочено дека почетокот на вакцинацијата нема да значи веднаш намалување на ризикот од ковид-19, ниту пак веднаш ќе се почувствува намалување на притисокот врз здравствените домови. Ризичните групи, со голем ризик за ковид 19 ќе бидат приоритетно вакцинирани и за нив вакцинацијата е високо препорачана, но не задолжителна. Вакцинацијата за ковид-19 ќе биде бесплатна за сите граѓани, а лична одлука на секој граѓанин е дали ќе се вакцинира, информираше Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека за вакцинација на граѓаните ќе се користат постоечките вакцинални пунктови во здравствените домови низ државата, болници и други здравствени капацитети, а секој здравствен дом ќе треба да достави извештај по направен увид во човечки капацитети со кои располага, како и задолжителна проверка на техничките капацитети и нивната функционалност. Исто така, посочи, секој здравствен дом ќе мора да назначи одговорно лице за координација и организација на ковид-19 вакцинацијата.
„Здравствените домови ќе добијат прашалник каде ќе треба детално да го наведат бројот на кадарот за вакцинација, нивната обученост, бројот на вакцинални пунктови, во колку смени работат во работни денови и викенди, како и колку од персоналот учествувал во обуки за одржување на „студен синџир“, истакна професор д-р Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација.
Секој здравствен дом, како што се посочува, ќе изготвува записник од извршено примопредавање на вакцината, а преку системот „Мој термин“ ќе се следи процесот на вакцинација.
„Се поставува посебен модул на ковид-19 вакцина, идентичен како оној кој сега се користи за други вакцини. За нашите колеги во вакциналните пунктови ќе биде стандардна постапка за давање вакцина, сепак бидејќи е нова вакцина ќе се организира едукативен тренинг“, потенцира проф. д-р Грозданова.
