Економија, финансии, бизнис

Контакт

Секој ден по 4 жени жртви на семејно насилство – шест фемициди за 6 месеци

Секој ден по 4 жени жртви на семејно насилство – шест фемициди за 6 месеци

Додека бројките растат, секоја статистика носи и една тешка вистина: зад секој број стои живот кој можел да биде спасен, објави денес Женски Магаин, фрлајќи нова светлина со бројки и факти за овој проблем кој станува се подлабок во нашето општество.

Не поминува ден без полициските билтени да бидат исполнети со пријави за семејно насилство. Бројките се поразителни, но зад нив не стојат само статистики – туку вистински жени, со вистински приказни, кои со години живеат во страв, притисок и насилство.

Само во еден викенд, од 5 до 6 април, полицијата евидентирала 14 случаи на семејно насилство, при што биле уапсени осум лица. Дел од осомничените биле под дејство на алкохол, а пријавени се закани, физички напади и агресивно однесување.

Меѓу случаите, 47-годишен маж од Тетово подолго време вршел насилство врз родителите – кршел предмети и им се заканувал, а при апсењето кај него биле измерени 2,14 промили алкохол. Во гостиварско, 27-годишник со возило се заканувал пред домот на родителите на поранешната партнерка, додека во Кавадарци, 36-годишен маж бил уапсен откако физички ја нападнал и ѝ се заканувал на поранешната сопруга.

Иако насилството често се случува меѓу различни членови на семејството – брат врз брат, татко врз син или меѓу партнери во бракоразводна постапка – во најголем број случаи станува збор за родово базирано насилство, каде жртви се жените.

Податоците до кои дојде Женски Магазин го потврдуваат тоа.

Според информациите што ги добивме од Министерството за труд и социјална политика, во текот на 2025 година регистрирани се 1.754 новоевидентирани жртви на семејно насилство, од кои дури 1.269 се жени. Тоа значи дека во просек дневно се пријавуваат околу пет случаи, од кои најмалку четири се однесуваат на жени.

Во истиот период, психосоцијална помош добиле 1.693 жртви, а правна помош и застапување 1.333 лица. Центрите за социјална работа поднеле 958 барања до суд за изрекување привремени мерки за заштита.

Сепак, и покрај мерките, дел од случаите завршуваат трагично. Според податоците што МВР ги достави до нашата редакција, во периодот од октомври 2025 до март 2026 година регистрирани се шест убиства во кои жртви се жени – што значи дека во просек секој месец има по една жртва на фемицид.

Во обид да се одговори на овој растечки проблем, денес се најавува седница на собраниската Комисија за еднакви можности, на која ќе се разгледува Нацрт-националната стратегија за превенција и заштита од родово-базирано насилство и семејно насилство за периодот 2026–2033 година.

Иако Македонија е потписничка на Истанбулската конвенција од 2011 година, која ја ратификуваше во 2018 година, експертите предупредуваат дека усогласувањето на законите е само првиот чекор.

„Ратификувањето на конвенцијата е само почеток. Иако правната рамка е унапредена, и понатаму постојат сериозни предизвици во нејзината примена, особено во навремено препознавање на ризикот и координацијата меѓу институциите“ – вели во претходна изјава за Женски Магазин Ана Аврамоска Нушкова, правна советничка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Како што нагласува, законските измени овозможуваат насилството да се пријави и од страна на трети лица, а институциите имаат обврска да постапат дури и кога жртвата го негира.

„Дури и кога жртвата го негира насилството, институциите не смеат да го игнорираат сомнежот“ – нагласува таа.

По пријавата, полицијата и центрите за социјална работа вршат проценка на ризик, а доколку постои опасност, можат да се изречат итни мерки како забрана за приближување или отстранување на сторителот од домот.

Сепак, клучниот проблем останува – ова се само пријавените случаи.

Во општество во кое жртвите сè уште се соочуваат со страв, стигма и економска зависност, реалниот број на случаи е далеку поголем. Зголемувањето на бројот на пријави не мора да значи повеќе насилство – туку и поголема доверба во системот.

Но, додека бројките растат, секоја статистика носи и една тешка вистина: зад секој број стои живот кој можел да биде спасен.

Билјана С. Боневска

фото: Freepik


Слично

Поврзани вести