Економија, финансии, бизнис

Контакт

Секој 14-ти нов бизнис лани во Македонија бил отворен од турски државјани

Секој 14-ти нов бизнис лани во Македонија бил отворен од турски државјани

Турските државјани веќе имаат силно и јасно видливо присуство во македонската бизнис-заедница, покажуваат податоците што Фактор ги доби од Централниот регистар. Бројките откриваат дека нивното деловно присуство одамна е повеќе од поединечна појава и веќе претставува значаен сегмент од вкупната деловна слика во земјава.

Според доставените информации, од државјани на Турција досега се основани вкупно 3.112 правни субјекти. Заклучно со 31 декември 2025 година, како регистрирани се водат 2.918 правни субјекти.

Особено впечатлив е податокот за новооснованите фирми во текот на минатата година. Само во 2025 година, турски државјани основале 673 нови правни субјекти во Македонија. Во истиот период, вкупниот број новоосновани правни субјекти во државата изнесувал 9.599. Тоа значи дека околу 7 отсто од сите нови фирми лани во државата биле основани од турски државјани, односно приближно секоја 14-та нова компанија.

Овие бројки упатуваат на континуиран и засилен интерес за отворање бизниси во земјава. Речиси три илјади регистрирани субјекти и повеќе од шестотини нови само за една година зборуваат за присуство што веќе има тежина и во статистиката и во економската слика на државата.

Податоците од Централниот регистар не даваат распределба по дејности, ниту по големина на компаниите, но и самата бројка е доволно јасна. Турските државјани веќе се меѓу повидливите странски основачи на фирми во Македонија, а трендот во 2025 година покажува дека тоа присуство продолжува да расте.

- Филип Костов

Слично

Поврзани вести