Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕКОГАШ МОЖЕ ПОДОБРО, ПОТРЕБЕН Е МЛАД КАДАР - директорот на „Водовод“ Битола, Козаров, кажува зошто треба тој да биде кандидат на СДСМ за градоначалкник

СЕКОГАШ МОЖЕ ПОДОБРО, ПОТРЕБЕН Е МЛАД КАДАР - директорот на „Водовод“ Битола, Козаров, кажува зошто треба тој да биде кандидат на СДСМ за градоначалкник

Горан Козаров, актуелен директор на Јавното комунално претпријатие „Водовод“ од Битола, се кандидира за градоначалник на таа општина.

Како што е познато, со општина Битола сега раководи Наташа Петровска, која е исто од редовите на неговата матична партија, СДСМ.

Козаров својата кандидатура ја објави и јавно, а мотивите ги образложи во едно големо интервју за месечникот Јавност.  

Досега СДСМ нема соопштено кој е нивни официјален кандидат за градоначалник на општина Битола.

Во јуни, Извршниот одбор на СДСМ Битола ги верификуваше кандидатурите за градоначалник на Битола испратени од Наташа Петровска, Горан Козаров и Зоран Стојчевски.

Што значи за номинацијата од партијата ќе се борат најмалку тројца социјалдемократи.

„Мотивот на мојата активност билa, е, и ќе биде, подобар живот за сите нас, подобро место за живеење за сите мои сограѓани. Со тим од посветени професионалци, кои ја делат истата визија за подобра Битола, мислам дека можеме да ги имплементираме сите проекти и да дадеме еден правец за развој на градот, за наредната деценија“, вели Горан Козаров, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ и актуелен директор на ЈКП „Водовод“ од Битола.

Горан Козаров во интервјуто за себе вели дека тој е пред се, битолчанец. 

„Моето образование го стекнав во Битола, од градинка, па сѐ до трета година во средното образование кога заминав во Америка каде го оформив моето средно образование. Иако можев да останам во Америка, се вратив и моето високо образование го завршив во Битола на Техничкиот факултет како магистер по индустриски менаџмент. Вљубеник сум на урбаниот живот, бидејќи растев на Широк Сокак, во центарот на градот, љубител сум на кафулињата, но во исто време растев уживајќи во убавините на Пелистер и се занимавав со повеќе спортови, како скијање и ракомет, а љубител сум и на екстремните спортови, особено возењето мотор.

Под професионално ја подразбирам мојата работа како раководител на ЈКП „Водовод“ и партиската активност во СДСМ. Со моето полнолетство започнува и мојот ангажман во политиката, тоа е од крајот на 1997 година. Се сеќавам на мојот прв ангажман во 1996 година како активист во кампањата на Томе Тромбев, тогашен кандидат за пратеник. Потоа следи и мојот ангажман како советник во Советот на Општината Битола и борбата во советот со политичкиот противник против деградицијата на Битола. Мотивот на мојата активност билa, е, и ќе биде, подобар живот за сите нас, подобро место за живеење за сите мои сограѓани. Мислам дека во тој дел доволно сум се докажал, во борбата за зачувување на Битола да биде таква каква што е, да ја задржи автентичноста и да биде урбано место, особено за младите“, вели во интервјуто Козаров.

На прашањето зошто одлучил да се кандидира на градоначалник на Битола, тој вели дека секогаш може да биде подобро, особено ако дојде, како што вели, млад кадар со визија. Нагласува дека и покрај проимената на локалната власт во Битола, која за време на претходната гарнитура била во тешка состојба, општинските и јавните установи се уште се многу гломазни, и не било лесно да се стабилизираат по владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

„...Свесноста дека јавните претпријатија, Општината и градот е таков каков што е, дека градот е руиниран и многу од граѓаните не се согласуваа со тогашното владеење на таа политичка гарнитура, ја покажаа и со бројот на гласови што ги добивме од нив. Потоа се направија промени на раководните позиции во сите институции, но беше многу мачен период. Знаеме дека општинските и јавните установи се многу гломазни, тешки и тромави, не беше лесно сето тоа да се стабилизира по владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Прекројување на целата таа визија, обратно од нивната замисла, да се преструктуираме во сите институции и да почне да се работи на подобрување на работите и остварување на плановите и тоа што е ветено на изборите. Тргнувам од каузата дека секогаш може да е подобро. Може да дојде помлад кадар со нова енергија и визија, а новите идеи не треба да не плашат. Умните и паметни луѓе со визија да ги земеме до нас и да им дадеме шанса подоцна тие да преземат. Бидејќи ние, како одговорни на институции, кои сме на позиции, сме само времени субјекти, а делата кои ќе ги направиме остануваат вечни. Ние за Битола можеме да кажеме дека има визионери кои го направиле Битола град. Од личности за пример, како Благој Мицевски, директор на „Водовод“ и Томе Делов, директор на ЈП „Стрежево“, биле само времено на тие позиции, но оставиле нешто што и ден денес ја афирмира Битола. За Битола и битолчани мислам дека секогаш треба да се даде максимумот, безрезервно и без калкулирање, и треба да се слуша гласот на народот“, вели Козаров.

На фејсбук профилот на актуелната градоначалничка Наташа Петровска, пак, можат да се видат сите активности кои ги реализира локалната власт во општината под нејзиниот менаџмент.

Слично

Поврзани вести