Сега Маневски се секира за одморот на пратениците
Поранешниот министер за правда Михајло Маневски во колумна за Република смета дека собранискиот спикер Талат Џафери го кршел Деловникот со тоа што не им овозможувал на пратениците да заминат на годишен одмор кој е точно пропишан дека трае од 1 до 31 август.
- Правото на пратениците на годишен одмор е уредено во членот 5 од Деловникот за работа на Собранието. Според ставот 2 на овој член, “Одморот на Собранието трае од 1 до 31 август”. Toa значи дека во Деловникот сосема прецизно е утврден годишниот одмор на Собранието и пратениците, пишува Маневски.
Исто така додава дека за време на годишен одмор не може да продолжи веќе закажана на седница на Собранието.
- Во конкретниот случај, Седницата број 6 е закажана на 05.07.2017 година и во точка 5 од дневниот ред на седницата е предвиден Предлог за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија.
Во случајот вопште не се работи за нова седница закажана во текот на времето на годишен одмор на Собранието, туку се за продолжување на веќе закажана и започната седница пред повеќе од еден месец. Формиулацијата во членот 5 став 3, дека “за време на годишниот одмор” на Собранието, претседателот може да свика седница на Собранието, значи свикување на нова седница, а не за продолжување на веќе започната седница, смета Маневски.
Пратениците од мнозинството јасно се откажаа од своето право на годишен одмор и посочија дека нема да застанат се додека Зврлевски не биде разрешен, така што на одмор може да заминат уште денес доколку опозицијата се откаже од своите блокади користејќи го Деловникот со непотребна дебата каде меѓусебно си реплицираат и контрареплицираат. Што се однесува до одржувањето на седницата пратениците официјално не го ни започнаа годишниот одмор и продолжуваат да заседаваат според веќе утврдената динамика. Ова се само дел од аргументите кои Маневски треба да ги земе во предвид. Инаку да потсетиме дека токму медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ му се потсмеваа на пратеникот Павле Богоевски кој изјави дека се изморени и им треба одмор, но нема да се откажат без оглед колку им е тешко.
Х.С.