Седуммина пловеле под дејство на алкохол по Охридското езеро
Министерството за транспорт соопшти дека во текот на вчерашниот ден при контрола на возачи на пловни објекти, од 16 проверени одговорни лица, дури 7 од нив биле под дејство на алкохол.
„Ве информираме дека во текот на вчерашниот ден во заедничка контрола на инспектори од Капетанија на Пристаништа Охрид, Езерската полиција како и од Полициска станица Охрид, направени се зајакнати мерки и активности согласно Законот за Внатрешна пловидба во период од 14 до 20 часот.
Контролирани се 13 пловни објекти и 13 физички лица, притоа констатирани се 22 прекршоци според Законот за Внатрешна пловидба.
Алкотестирани се вкупно 16 лица од кои кај 7 лица беше утврдено присуство на алкохол, од кои кај двајца е утврдено 1,17 и 1,07 промили алкохол во крвта“, објави министерството.
За констатираните прекршоци изготвен и поднесен е соодветен службен материјал.
„Информираме дека Капетанија на Пристаништа Охрид во соработка со Езерската полиција и во наредниот период ќе ги засили инспекциските контроли и затоа апелираме навремено да се извршува регистрација на пловините објекти и строго да се почитуваат правилата и прописите за безбедна пловидба“, порачуваат од таму.
