Седницата за референдумот се закажува за доцна попладне за да се убеди ВМРО-ДПМНЕ?
Владеачкото парламентарно мнозинство и собранискиот спикер Талат Џафери ќе ја закажат доцна попладне седницата на која ќе се гласа за распишување на референдумот за (не)прифаќање на договорот од Преспа за да се остави простор за разубедување со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Неофицијално, Алсат-М дознава дека собраниската седница на која ќе се гласа за одлуката за распишување на референдумот ќе се одржи во 15:00 часот. До тогаш собранискиот спикер, Талат Џафери, се очекува да се сретне со претставник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку со потпишување на свечени изјави, денеска и официјално стапија на функција привремените членови на Државната изборна комисија.
Новиот состав ќе има мандат да го организира референдумот за името, што треба да се спроведе на есен.
„Го означивме почетокот на работата на ДИК со потпишувањето на свечените изјави, очекуваме Собранието да донесе понатаму одлуки значајни за работата на ДИК. Ќе ги почитуваме Уставот и законите за успешно да ја завршиме задачата, спроведување на референдумот“, изјави претседателот на Комисијата, Оливер Деркоски.
