Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕДНИЦАТА ЗА ИЗБОР НА ПРОФЕСОРОТ ТРАЈКО СЛАВЕСКИ ЗА ИДЕН ГУВЕРНЕР Е ЗАКАЖАНА ЗА СРЕДА ИДНАТА НЕДЕЛА - потребно е својот глас да го дадат 61 народен избраник

СЕДНИЦАТА ЗА ИЗБОР НА ПРОФЕСОРОТ ТРАЈКО СЛАВЕСКИ ЗА ИДЕН ГУВЕРНЕР Е ЗАКАЖАНА ЗА СРЕДА ИДНАТА НЕДЕЛА - потребно е својот глас да го дадат 61 народен избраник

На 28 мај оваа година, односно во среда идната недела, е закажана 52 седница на Собранието на Македонија, а како прва точка е ставен изборот на гувернер.

Според дневниот ред на Собранието, објавен на веб страната на Законодавниот дом, пленарната сесија почнува во 11 часот.

Како што е познато, претседателката Гордана Силјановска Давкова го предложи професортот Трајко Славески за иден гувернер на државата, кој во следните седум години ќе раководи со монетарната власт во државава. 

Гувернер на НБМ се бира на предлог на претседателот на државата, а за тој да се избере се потребни 61 пратеник од вкупниот број пратеници во државата. 

Премиерот Христијан Мицкоски, кој е лидер на најголемата владејачка партија во земјава, вчера рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи изборот на професорот Славески за гувернер, додерка од опозициската СДСМ нагласија дека ќе се спротивстават на неговиот избор. 

Се до изборот на нов гувернер, функцијата прв човек на НБМ ја врши актуелната гувернерка Анита Бежоска Ангеловска, која и во изминатите седум години успешно раководеше со првата монетарна куќа во земјава. 

Во биографиојата на професорот Славескли е наведено дека е роден во Охрид 1960 година. Тој е редовен професор на Економски факултет при УКИМ во Скопје. Студирал на истиот универзитет, а бил на постипломски студии во САД, Калифорниски државен универзитет, како и на Универзитетот Харвард.

Во 1997 година престојувал 6 месеци на Државниот универзитет Аризона, Темпи, САД, како визитинг професор.

Професорот Славески е коавтор на првата антиинфлаторна програма, важен документ при монетарното осамостојување на земјава, во април 1992 година, во борбата со тогаш присутната хиперинфлација и воведувањето на националната валута - денарот.

Во минатото професор Славески ги извршуваше функциите министер за развој, од 1999 до 2000 година, и министер за финансии, од 2006 до 2009 година, во македонската Влада.

За време на извршувањето на функцијата министер за финансии ја вршеше функцијата гувернер во Светска банка и гувернер во Европска банка за обнова и развој.

Во неговата биографија, која е наведена во предлогот од претседателката Давкова, се наведува и дека професорот Славески, како член на Влада на Република Македонија има иницирано и водено бројни реформи во економскиот и финансискиот систем на земјата, како, на пример, воведување на рамниот данок на (2007 г.); осовременување на системот за вршење на плаќања; интегрирана наплата на придонесите за социјално осигурување (системот бруто плата, 2009 г.) и др.

На локалните избори одржани во 2021 година беше носител на листа за советници за Обнова на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На конститутивната седница Советот, на Совет на град Скопје, одржана на 17.11.2021 година, беше избран за претседател на Советот, функција што и денес ја извршува.

Проф. Славески е долгогодишен активен учесник во домашните јавни дебати за економски и финансиски прашања. Тој е исто така плоден автор на 8 книги (неколку во ко-авторство) и бројни статии во домашни и странски академски списанија, како и во печатени електронски медиуми за пошироката јавност.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести