Сеад Кочан чека одлука од Апелација, МВР го бара со меѓународна потерница
Аплациониот Суд – денеска треба да се произнесе дали ќе го потврди или не решението за притвор на Сеад Кочан, тврди неговиот адвокатски тим. Според адвокатот на Кочан, Никола Додевски, одлуката на Апелациониот Суд, треба да биде донесена најдоцна во попладневните часови, бидејќи и жалбата против решението за притвор била поднесена неколку часа откако го добиле решението за притвор.
“Во петокот, одбраната на осомничениот поднесе жалба против Решението за определување мерка притвор кое ни беше врачено само неколку часа претходно. Основниот Суд е должен веднаш да го достави предметот до Апелациониот Суд, а одлуката на Апелациониот Суд да биде донесена во рок од 48 часа кој истекува во недела 17:30h, без законска можност за пролонгирање на тој рок, бидејќи роковите кои се предвидени со часови не се пренесуваат во наредниот работен ден,” вели адвокатот Никола Додевски.
Според ова, решението за притвор на Сеад Кочан било доставено во петокот неколку часа пред 17.30 минути, а според тврдењата на адвокатитите, во тоа време, Сеад Кочан веќе бил надвор од државата. Поради ова, адвокатите објаснуваат дека Кочан не е во бегство, туку на службен пат, заминат пред да го добие решението за притвор.
„Целосни невистини се шпекулациите дека осомничениот се дал во бегство од едноставна причина што нема бегство доколку во периодот кога лицето веќе се наоѓа на службен пат се донесе Решение за притвор. Токму таков е конкретниот случај,“вели Додевски.
Сега, неизвесно е дали Кочан ќе биде третиран како бегалец, доколку биде пронајден или се врати во државата, со оглед дека веќе е распишана и домашна и меѓународна потерница за него, но тој според тврдењата на адвокатите бил надвор од државата пред да биде има решение за притвор за него.
Сепак, во јавноста се шпекулира дека Сеад Кочан неколку часа претходно веќе имал информации оти ќе биде издадено решение за притвор, и експерсно ја напуштил државата на граничниот премин Табановце. Тоа било направено со цел да се добие на време додека адвокатскиот тим го обжали решението за притвор и да се чека исходот од Апелациониот Суд, во надеж дека нема да биде потврдено. Сепак, официјално, ваквите информации се негираат – останува дека, Кочан е заминат на службен пат претходно, без да знае дека за него е издадено решение за притвор.
Адвокатскиот тим на Кочан го обжалил решението за притвор со став дека е донесено со груби прекршувања на Законот за кривичната постапка.
„Кривичниот Совет во целост ги игнорирал обврските кои што ги има според Законот за кривичната постапка и Европската конвенција за човекови права, дури донел Решение за притвор без да спомене дали во случајот постои основано сомневање за сторено кривично дело иако тоа е првиот предуслов за Судот да може и да размислува за мерката притвор. Зачудувачки е што како причина за притвор се наведуваат и“апсурдни” тези како на пример влијание на вештаци, иако е ноторно дека СЈО вештачењата ги спроведува со вештаци што самото ги избира и за чие што спроведување одбраната и осомничениот не се ни запознаваат.“ се вели во реакцијата на адвокатот Додевски.
Кривчниот Совет донесе решение за притвор, откако судија на претходна постапка прво го одби таквото барање, на што се жалеше Специјалното јавно обвинителство. Кривичниот Совет сепак проценил дека судијата на претходна постапка донел погрешен заклучок дека постои мала веројатност за бегство од причина што осомничениот има постојани месечни примања и е во работен однос, но факт е дека осомничениот Сеад Кочан управител на друштво на кое сопственик е неговата сопруга, па оттука произлегува логичен заклучок дека и покрај тоа што осомничениот е во работен однос истиот може да се даде во бегство.
„Осомничениот е имотен човек, што укажува на тоа дека може да се даде во бегство, бидејќи истиот поседува ресурси кои би можеле тоа да му го овозможат. Преку материјалните средства што тој ги поседува, осомничениот може непречено да реализира напуштање на границите на РМ и обезбедување на засолниште во странство, дотолку повеќе што неспорен е фактот дека тој многу често патува надвор од земјата. Во таа смисла, во услови кога на осомничениот не му е ограничено неговото движење бидејќи поседува патна исправа, согласно понапред изнесените причини може да се даде во бегство и да се крие, односно да стане недостапен на органите на прогон. Советот цени дека видот, карактерот и тежината на кривичното дело кое му се става на товар, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 5 години, се околности кои исто така генерираат опасност од бегство“ напишал Кривичниот Совет во решението со кое се одредува мерката притвор за Сеад Кочан.
Инаку, Кочан се товари за криминал од 17 милиони евра, сторен заедно со уште две други компании, при што за управителот на Силекс Неметали, Василије Авировиќ е одредена мерка претпазливост.
Н.С.