Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ ЗГОЛЕМУВА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: Предрасудите и срамот го кријат насилникот дома!

СЕ ЗГОЛЕМУВА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: Предрасудите и срамот го кријат насилникот дома!

Секоја трета жена во земјава трпи насилство. Статистиките покажуваат поразителни резултати. Во Македонија најмногу се зборува за семејното насилство, додека сите останати видови родово базирано насилство се речиси сосема занемарени. Во рамки на семејно насилство, жените најчесто го препознаваат физичкото насилство и со тој вид на насилство најчесто и се обраќаат за помош и поддршка. Меѓутоа, најзастапен вид на насилство е психичкото, кое многупати во нашава средина не се препознава или се смета за „нормално“- вели за Фактор Наташа Димитровска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Жените кои се жртви на насилство во домот според познавачите најчесто се жртви и на економско насилство, односно тие не располагаат со свои приходи и имот, а тоа го прави уште потешко оддалечувањето на жртвата од домот без соодветни сервиси на поддршка.

“Силувањето во брак како посебна форма на сексуално насилство е се уште непрепознаено. Исто така, за жените кои се жртви на сексуално насилство – силување до сега не постоеја никакви сервиси за помош и поддршка, така што тие беа оставени сами на себе. Сексуалното вознемирување на јавни простори воопшто не се препознава, а на случаите на сексуално вознемирување на работно место многу тешко се реагира. Сето ова допринесува за неповолна положба на жената во сите општествени простори”- додава Димитровска.

Во Македонија во моментов постои одреден координиран пристап, со законска рамка, за справување со семејно насилство. Сите останати видови родово базирано насилство се занемарени, како со законски решенија така и со достапни сервиси за поддршка.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска најави отворање на Центар за жртви на сексуално насилство, во кој жртвите ќе добијат психосоцијална поддршка, помош за нивна ресоцијализација и реинтергација. До сега не постоеше ваков центар и жртвите на сексуално насилство беа оставени сами на себе.

“Покрај не постоење на можност да бидат згрижени, на жал за нив не постоеше никаква помош и поддршка за надминување на преживеаната траума. Последниве неколку години се подигна свеста за препознавање и пријавување на семејно насилство, но треба уште многу да се работи за останатите видови насилство на кои се изложени жените. Почетна точка за тоа ќе биде Истанбулската конвенција која ги регулира сите видови на родово базирано насилство” – објаснува Димитровска.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство подготви студија за различните форми на сексуално насилство во земјава. Со ова истражување предвидено е да се утврдат искуствата, ставовите и уверувањата на луѓето во врска со најзастапените облици на сексуално насилство во Македонија, а кои Истанбулската конвенција ги препознава како форми на сексуално насилство.

“Eфикасна стратегија и законска регулатива за редуцирање и превенција на родово базираното насилство, вклучувајќи го сексуалното насилство, мора да се темели на точни податоци за да се утврди реалната состојба во една земја,па затоа целта на ова истражување е да се истражи перцепцијата за сексуалното насилство кај граѓаните” – нагласува координаторката на Националната мрежа против семејно насилство.

Истанбулската конвенција е најсеопфатниот меѓународен документ кога се работи за родово базирано насилство. Македонија ја потпиша пред шест години но сеуште документот не е ратификуван. Министерството за труд и социјална политика ја препозна суштинската потреба од Конвенцијата која има единствена цел- нулта толеранција за сите облици на насилство на кои се изложени жените.

Конвенцијата, освен семејното насилство, ги регулира сите други видови родово базирано насилство, како сексуално насилство, принуден брак, принуден абортус и стерилизација, генитална мутилација и др. Конвенцијата повикува на активно учество на сите релевантни институции и организации за соработка дефинирана со правила и протоколи и поставува темел за ефикасно спречување на насилството, заштита на жртвата и гонење на сторителот.

С.Б.

Слично

Поврзани вести