Се зголемува бројот на тешки пациенти во болницата „8 септември“: Засега има респиратори
Има слободни респиратори, но има и наплив на пациенти кои имаат тешка клиничка слика предизвикана од Ковид-19. Дел од персоналот во Градската општа болница „8 Септември“ дежура и по 24 часа, особено во одделот на интезивна нега. Директорот на болницата, д-р. Христијан Костов вчера за Фактор потврди дека новите пациенти кои ги хоспитализираат, за 24 часа завршуваат на респиратор, но дека моментно има 15 слободни респираторни машини.
- Има наплив на новозаразени во ГОБ „8 Септември“, односно во тријажниот центар на болницата. Ситуацијата е навистина тешка, особено поради фактот што во последните два-три дена тука се хоспитализираат 6 до 8 позитивни на Ковид-19. Загрижува фактот што заболените само по 24 часа мора да бидат ставени на респиратор, бидејќи многу брзо развиваат тромбемболија, а од тоа тешко некој може да се спаси, рече д-р. Костов за Фактор вчера.
До вчера на респиратор таму беа приклучени 8 пациенти, но досега немало толкав наплив на пациенти како последнава недела.
