СЕ ЗАПИРА ПОСТАПКАТА ЗА КАРАДАКОВСКИ: ОЈО Кочани ќе донесе наредба
ОЈО Кочани ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за Александар Карадаковски кој почина во Литванија.
Обвинителството ја запира истражната постапка што се водела против Карадаковски, формален управител на фирмата која управувала со дискотеката „Пулс“, откако тој утринава им подлегнал на повредите од трагичниот пожар кој се случи на 16 март во Кочани.
Бројот на жртвите се искачи на 60, а бројот на осомничени се намали на 33 лица.
„Со оглед на тоа што денешната 60-та жртва од катастрофалниот пожар во Кочани е лице кое претходно беше опфатено со наредбата за спроведување истражна постапка, во својство на управител на правно лице, Основното јавно обвинителство Кочани по прибавување на официјалната документација за настапената смртна околност ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за него“, велат од ЈОРМ.
Истрагата за пожарот што ја водат 11 обвинители е во тек. Досега со истражните дејствија се сослушани околу 300 сведоци и се опфатени 33 лица. На 21 лице им е одреден ефективен затворски притвор од 30 дена, а тројца осомничени добија куќен притвор.
Директното оштетување на 90 проценти од дишните патишта од чадот кој што го вдишал, заедно со големата површина на изгореници која изнесува околу 36 проценти е причина за починувањето на 29-годишниот Карадаковски.
Многу европски земји помогнаа во лекувањето на повредените од пожарот во Кочани. Помогнаа Србија, Бугарија, Грција, Турција, Полска, Хрватска, Словенија, Луксембург, Шведска, Шпанија и други.
