Се заострува системот за заштита и спасување поради зголемениот ризик од пожари: Нови правила за обуки и контроли
Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и спасување се предвидува унапредување и прецизирање на постојната правна рамка со цел зголемување на ефикасноста на системот, подобра превенција и побрзо и покоординирано постапување при ризици, несреќи и катастрофи.
Една од клучните измени се однесува на обуките за заштита и спасување. Досега тие се реализираа исклучиво преку Центарот за оспособување и обука во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување, што се оценува како ограничување во однос на искористување на сите стручни и технички капацитети во државата.
Со новите решенија се отвора можност обуки да спроведуваат и други правни лица, но само доколку добијат овластување од Дирекцијата и ги исполнуваат условите за простор, опрема, стручен кадар и програми за обука. Целта е да се зголеми достапноста и флексибилноста на обуките, особено во контекст на сè почестите пожари, климатски промени и техничко-технолошки несреќи.
Со законските измени се воведува и нова дефиниција за „непосредна опасност“, како и прецизирање на поимите со цел поголема правна јасност.
Се проширува и опфатот на законот во делот на чувањето на неексплодирани убојни средства, со што се пополнува постојната правна празнина и се зајакнува безбедносниот систем.
- Непосредна опасност е појава, процес или состојба во која, врз основа на расположливите информации и извршените процени, постои реална и конкретна веројатност во краток временски период да настане штетен настан што може да ги загрози животот и здравјето на луѓето, животинскиот и растителниот свет, имотот, културното наследство и животната средина - се прецизира во законското решение доставено во Собранието.
Значајни измени има и во делот на инспекцискиот надзор, каде што се врши усогласување со Законот за инспекциски надзор. Со тоа се дефинира појасна организација и надлежности на инспекторите, како и нивно постапување, со цел поголема правна сигурност.
Инспекторите добиваат и прецизирани овластувања во случаи на непосредна опасност, вклучително и можност за забрана за користење на објект или негов дел, како и негово запечатување. Во случаи на сериозни неправилности кои не претставуваат непосредна опасност, но можат да доведат до ризик, се предвидува и можност за привремена забрана за вршење дејност.
Предлог-законот ги усогласува и прекршочните одредби со Законот за прекршоците. Се нагласува дека за одредени прекршоци постапка води и санкции изрекува надлежен суд, додека за помали прекршоци може да постапува и прекршочен орган, во рамки на законски утврдените лимити.
Во образложението се наведува и дека постојните казни во Законот за заштита и спасување во делот на прекршоците ги надминуваат дозволените законски граници за постапување од страна на прекршочната комисија при Дирекцијата, поради што е потребно нивно усогласување.
Дополнително, се потсетува дека Законот за прекршоците предвидува обврска сите други закони да бидат усогласени со него, што е и една од причините за овие измени.
Во пракса, измените се поврзуваат и со зголемените ризици од пожари во летниот период, кога постојните капацитети на системот за заштита и спасување не се секогаш доволни. Затоа се предвидува и поголема флексибилност преку вклучување на дополнителни обучени лица во кризни ситуации.
- Тргнувајќи од тоа дека во изминатите години, особено во летните месеци кога ризикот од пожари е зголемен, постојните капацитети на силите за заштита и спасување не секогаш се доволни за навремено и ефикасно справување со сите интервенци. Дополнително прогласувањето на кризна состојба доведува до потреба од значително зголемување на човечки ресурси. Ова создава потреба од воспоставување флексибилен механизам за привремено вклучување на оспособени и искусни лица кои можат да придонесат во превенцијата и гаснењето на пожари. Со овие измени и дополнувања се подобрува системот за заштита и спасување, зголемена ефикасност на инспекциските служби, подобра превенција на ризици, како и повисоко ниво на заштита на животот и здравјето на граѓаните, имотот, културното наследство и животната средина - се појаснува во законот.
Со измените, надлежните очекуваат да се зајакне системот за заштита и спасување, да се подобри превенцијата, инспекцискиот надзор и координацијата при интервенции, како и да се зголеми нивото на заштита на граѓаните, имотот и животната средина.
П.О.
