ВЛАЖНИ КОЛОВОЗИ: Ова се патните правци каде треба да се внимава
Сообраќајот во земјава се одвива по влажни коловози.
На повисоките места има остатоци од кашест снег по интервенција на дежурните служби, соопштија од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ). Се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
Во делови од западна Македонија има снег, а на патот Маврово - Дебар вчера имаше и лавина која го попречи сообраќајот.
Сообраќајот на патниот правец Маврово- Дебар од 12 часот се одвива нормално, соопшти „Македонија пат“. Забраната беше воведена утринава од шест часот, поради нова лавина во близина на Бигорскиот манастир што го блокираше патот.
Нормализиран е сообраќајот и на Попова Шапка, на граничниот премин Ќафасан и на Стража.
