„СЕ ВАДИ КАКО МИНУС ПРЕД ЗАГРАДА, ДЕМЕК САМО ПРОВОЦИРАЛ“: Јакимовски му порача на Мицкоски, да ја профункционира државната администрација, за локалната да не се грижи
Градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски со порака до премиерот Мицкоски, откако тој се извини јавно за идејата да воведе данок на лицата кои не се во брак.
„Вечерва ми се јави еден пријател Албанец кој не зборува баш литературно македонски, но ние многу се почитуваме.
Ми вели: Слушнааа!?
Му велам: што?
-Го влечеа законот!
-Што правеле?, му велам.
-А бе, го влечеа законот!
-Кој закон?
-А бе, оној закон со кој ќе требаше да плаќам годишно по 500 евра данок!
Инаку тој е разведен, а се уште не оженет. Целиот среќен, дека премиерот се пишманил и го влечел законот.
Стварно мајката! Се пишманил. Како што вели премиерот, само сакал да провоцира дебата.
Добро бе луѓе. Нели самиот рече, цитирам: „Сериозно размислуваме да воведеме данок на неженет/немажена“. Откако го направија тарабука од прв до последен во државата за глупоста што ја тресна, се вади како минус пред заграда, демек само провоцирал.
Затоа кажува нови небулози. Тотално безидеен, колку нешто да се рече, во пресрет на локалните избори на трибина во Струмица демек ќе донел закон со кој општините во рок од пет дена ќе требале да ги решаваат проблемите на граѓаните.
Премиере!!!
За унгарскиот кредит ти аплицираме уште од 15 февруари до 1 април. Три и пол месеци поминаа. За месец дена се распишуваат локални избори. Кога мислиш да ги одобриш проектите? Место нас да не обврзуваш со пет дена, за тебе стави си барем педесет. Дали знаеш дека според законот секоја институција е должна да одговори во рок од 15 дена? А вие имате такви кои не одговараат со години. А рокот од 15 дена тотално не го почитува никој. Очигледно тој функционира по онаа народната: „Слушај ме што зборам, не ме гледај што правам“.
Профункционирај си ја ти државната администрација, за локалната не се секирај. Таа функционира десет пати подобро од твојата“, Напиша Јакимовски.
