Се уште не се сослушани сопругата и мајката на Груевски
Сопругата и мајката на екс-премиерот Никола Груевски, како и други членови од неговата потесна фамилија, вклучувајќи го братучедот Сашо Мијалков, се уште не се сослушани за неговото бегство во Унгарија во истрагата на Обвинителството.
Обвинителката Вилма Рускоска потврди дека засега сведочеле само телохранителите кои го обезбедуваа се додека Груевски не побегна во Унгарија пред отслужувањето на двегодишната казна затвор за случајот „Тенк“.
Рускоска најави дека во текот на оваа седмица ќе има и други испрашувања во рамки на истрагата која треба да заврши со официјален извештај.
Невладини организации и јавноста веќе два месеци бараат официјална верзија од Обвинителството и МВР за начинот и со чива помош Груевски избегал надвор од границите на Македонија и влегол во Унгарија, кои се пропустите и дали некој треба да понесе одговорност.
Се верува дека до сега се собрани и доказите од надлежните органи во Албанија и Црна Гора, каде што исто така Груевски транзитирал на пат кон Унгарија.
