Се укинуваат и намалуваат царини, помошта за стопанството 480 илјади евра!
Од нова година Владата ги укинува или намалува царинските стапки за репроматеријали за резервни автомобилски делови, полиетиленски фолии, алатни машини, железнички товарни вагони и автобуси, како директна поддршка на пет стопански гранки.
- Укинувањето на царинските стапки за тие стоки е во функција на подобрување на условите за стопанисување на домашните производители, развој на индустријата и поголем извоз на странските пазари, вели Министерот за финансии Зоран Ставрески.
Според Ставрески, бидејќи во Македонија работат индустриски капацитети коишто произведуваат автомобилски делови, како поддоговарачи на големите автомобилски компании и кои се извозно ориентирани, се укинува стапката од 15 проценти за облоги и плочки за кочници, фрикциони производи и други делови од нетемперирано леано железо.
Во металопеработувачката индустрија за над 105 производи, пред се алатни машини, се намалуават стапките кои досега изнесуваа 5 проценти и повеќе. Ќе има намалување на царините и за транспортниот сектор со цел обнова на возниот парк и намалување на трошоците на транспортните компании. Се намалуваат царините за автобусите и минибусите од прва категорија од 10 проценти на 5 проценти, а царините за автобусите и минибусите од втора категорија се намалуваат од 15 на 5 проценти. Царините за вагоните и цистерните пак, кои досега изнесуваа 4 проценти, сега се укинуваат.
Се укинува стапката што досега изнесуваше 6 проценти за фолии од полиетилен, што делумно се употребуваат во прехранбената индустрија и во графичката индустрија кај копир апаратите.
- На овој начин преку значително намалување и укинување на царинските стапки Владата директно ќе им помогне на пет-шест сектори што се значајни за македонската индустрија и коишто во вакви околности кога се соочуваат со предизвиците на европската и светската економска криза и очекуваат поддршка од Владата, вели Ставрески. Вкупно сите намалувања изнесуваат околу 30 милиони денари (480 илјади евра) на годишно ниво.
Слично
