Се трага по член на судскиот совет, а вработени oд Општина Тетово се уапсени
Уапсени се петмина вработени во Општина Тетово, а полицијата трага по член на Судскиот совет.
Со лажни документи легализирал непостоечки објект, а потоа го откупил и државното земјиште. Зоран Теофиловски, член на Судскиот совет е осомничен за злоупотреба на службената положба. Истрагата на Обвинителството, покажала дека Теофиловски измамата ја направил во 2011-та во период кога бил претседател на спортско здружение во Тетово.
„Поднесувајќи лажни докази, започнал постапка за легализација. Кон барањето за утврдување правен статус на непостоечки објект, до општина Тетово, приложил нотарски заверена изјава со која лажно изјавил дека станува збор за објект изграден во 1995 година, а приложил и геодетски елаборат“, стои во известувањето од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
На Теофиловски му помогнале и седум службеници. Лажен елаборат изготвил геодет, кој е вработен во Општина Тетово.
Измамата продолжила и во 2012 година. Објектот е легализиран, а со лажни урбанистички планови, откупена е и државната парцела.
Осомничените овозможиле правното лице да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4.400 метри квадратни, за вкупна цена од 188 илјади денари, а на штета на државниот буџет за сума од скоро 60 милиони денари.
Обвинителство бара притвор за шест од осомничените.
