Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се токмат ли високи згради на „бонбона“ локацијата на некогашна „Треска“ - на потег Општина Центар

Се токмат ли високи згради на „бонбона“ локацијата на некогашна „Треска“ - на потег Општина Центар

Некогаш најпознатата македонска фабрика за мебел, сега руина. Поранешната „Треска“ нема никогаш да биде тоа што беше, но затоа големиот простор кој се наоѓа и на тоа како атрактивна локација, деновиве почна се повеќе да го привлекува вниманието на јавноста. 

За Буњаковец се подготвува нов Детален Урбанистички план. Што ќе никне на местото на поранешниот социјалистички гигант? Се „токмат“ ли висококатници и тони бетон кои целосно ќе го задушат просторот, се „острат“ ли инвеститори за силни профити? Граѓаните од Центар што живеат на таа локација изрично тврдат дека тоа нема да го дозволат.

Веќе е вирална иницијативата преку која се собираат потписи од граѓани кои се децидно против таа локација да се претвори во бетонска пустина. Бараат за просторот да се распише јавен конкурс, со што тој ќе се планира на креатвен и пријателски за околината начин, а не да прерасне во бетонско здание преполно со згради.

„Се подготвува нов ДУП за Буњаковец. Не смееме да дозволиме на Буњаковец да му се случи она што им се случи на многу други населби, и тој да прерасне во уште една бетонска пустина. На Буњаковец му треба повеќе зеленило, дрвја, цвеќе, паркови, игралишта за деца, пешачки патеки, велосипедски патеки, воздух, сонце. Не ни требаат уште згради, бетон, асфалт, катни гаражи, коли, сообраќај, загадување“, децидни се иницијаторите.

Граѓаните бараат од општина Центар, односно од советниците и градоначалникот, да се распише јавен конкурс за локацијата на некогашната фабрика. Тие кон нив директно го вперуваат прстот, сомневајќи се дека на тој дел ќе му следи дополнително „бетонирање“, со многу нови згради, кои ќе им ги влошат условите за живеење.

„Ние, граѓаните од општина Центар, со праќање на оваа порака до Советниците во Општина Центар и Градоначалникот, бараме од нив да донесат одлука за распишување јавен конкурс за просторот на поранешната фабрика Треска, за истиот да не стане бетонска пустина, како и остатокот од Буњаковец.

Бараме да гласате да се распише јавен конкурс за делот од ДУП-от кој се однесува на уредувањето на просторот на поранешната фабрика ‚Треска'. На  делот Буњаковец, во кој влегува овој простор, со години му се прави насилство, поради кое во населбата веќе нема зеленило, пешачки зони и простор за рекреација, туку има само бетон, згради, автомобили и загадување. Според делот од ДУП-от кој се однесува на поранешната фабрика Треска што го предлагате Вие како советници и носители на одлуки во Општина Центар, на тој дел од населбата Буњаковец му следи дополнително бетонирање. Предвидено е да се градат многу нови згради, со што дополнително ќе се влошат условите за живеење. Со цел да се обезбеди хумано живеење во тој дел од општината бараме од Вас да гласате за јавен конкурс за Треска“, се вели во барањето кое е поднесено од граѓаните.

Деновиве нив поддршка им даде и дел од највиокото раководство на владејачката партија СДСМ. 

Со свој фејсбук статус се огласи вицепремиерката за економски прашања и потпретседателка на социјалдемократите, Мила Царовска. Таа најавува дека ќе се отвори конкурс како што бараат граѓаните. 

„Граѓаните се тие кои треба да ги слушнеме! Покажавме многу пати дека знаеме да слушаме и заеднички донесовме добри решенија со кои сите беа задоволни. Ќе покажеме и сега дека го почитуваме мислењето на граѓаните и ќе отвориме конкурс за ‚Треска'...“, пишува Царовска.

Уште еден потпретседател на СДСМ, Коста Петров, порачува дека конкурс треба да се распише.

„Другари, не ни требаат нови згради и бетонски решенија. Ајде заеднички да донесеме одлука за распишување јавен конкурс за просторот на поранешната фабрика Треска“, пишува Коста Петров на својот фејсбук профил. 

Инаку, од пред извесен период оваа граѓанска иницијатива за распишување Архитектонско-урбанистички конкурс за локацијата на фабриката „Треска“ е веќе доставена до Советот на Општина Центар. 

Таа локација е дел од ДУП „Буњаковец 2“, кој во моментов е под мораториум и се постапува по забелешките што се дадени за него. Граѓаните што ја поднеле иницијативата велат дека мораториумот е резултат токму на лошо и нестручно урбанистичко планирање и непочитување на ГУП-от, законот и правилниците, а се тоа проследено со притисоци од инвеститори во борба за повеќе метри квадратни, што значи и поголем профит. 

„Секој квадрат кој е планиран под притисок на инвеститорите го нарушува урбанистичкото планирање“, сметаат граѓаните.

Инаку, Иницијативата ја поднесоа граѓани и невладини организации, меѓу кои Здравје пред профит во Центар, О2 коалиција, Транспарентност Македонија, како и индивидуалци, професионалци и експерти, а голем дел од нив членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, како и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Засега за неа има список на имиња и потписи на повеќе од 300 луѓе, кои биле собрани за само еден ден.

Пред извесен период Општина центар одржала состанок со иницијаторите и група архитекти на оваа тема. Заложба на сите била да се прифати иницијативата за распишување конкурс, со цел така да се дојде до стручни, подобри и покреативни решенија на просторот. Идејата е комисијата да биде составена од повеќе членови, од кои дел ќе бидат и составувачите на програмата, а во неа би влегле и архитекти од Општината и Град Скопје. Се бара решенијата кои ќе се понудат да бидат функционални, и да ги исполнуваат сите стандарди за добро организаран простор во кој непречено ќе функционираат потребите за живеење, за паркирање, и за јавни содржини наменети за сите жители. 

Но, како камен на сопнување може да се појави толкувањето на поимот стекнатото право. Од општината сметале дека тоа може да се толкува на повеќе начини, но ниту еден не е јасно дефиниран. Вообичаено за инвеститорите тоа се квадратни метри, а за граѓаните тоа е и право на соодветна инфраструктура и право на пристап, зеленило...

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, неодамна за медиумите изјави дека според стариот ДУП, за оваа локација е предвидена изградба на станбен и деловен комплекс.

„Таму по стариот план има предвидено станбен и деловен простор во одреден процент, но знаете дека тој план, како и доста други се под ревидирање, односно подлежат на одлука за неизвршување додека не се усогласат со ГУП-от и додека не вклопиме некои работи коишто сметаме дека треба да бидат, и во описниот план нема да бидат ставени на Совет за усвојување па тогаш да може да се извршуваат. Што се однесува до делот со Треска, тој е дел од планот Буњаковец кој се работи од 2014 година, а во моментов е во мораториум. Имаме одредени иницијативи на кој начин тоа да се решава и нормално тоа го усогласуваме. Важно е иницијативите да бидат правно издржани и да видиме кој е саканиот ефект од нив“, изјави првиот човек на Ценгтар.

Всушност, за овој простор постојат две иницијативи, а според Богдановиќ, од општината се сретнале во неколку наврати со нивните подносители. „Доколку би дошло до одредено прифаќање и договарање ќе треба да ги спроведат иницијативите во самите институции, сектори итн“, објасни градоначалникот на Центар. 

Останува да се види дали во овој случај ќе победат граѓаните и нивната желба за пристојни услови за живеење, или инвеститорската желба за што повеќе квадради и повеќе профит.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести