Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ СОЗДАВААТ ЛИ МОЖНОСТИ ЗА НОВИ ТУЖБИ И МИЛИОНСКИ ОТШТЕТИ – падна ДУП-от останаа проблемите

СЕ СОЗДАВААТ ЛИ МОЖНОСТИ ЗА НОВИ ТУЖБИ И МИЛИОНСКИ ОТШТЕТИ – падна ДУП-от останаа проблемите

Откако Уставниот суд го суспендира Деталниот урбанистички план за просторот околу спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој го изгласале советниците во општина Карпош минатата година, се отворија бројни дилеми. Најзначајното прашање е дали со суспензијата се создава можност компанија која требаше да гради бензиска пумпа повторно да тужи и да добие отштета поради забраната за градење.

Од Уставниот суд соопштија дека ќе поведат постапка бидејќи се сомневаат во уставноста и законитоста на ДУП-от со кој се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост“.

-  Уставниот суд оцени дека тој ДУП не е во согласност со ГУП на Град Скопје, нешто што е предвидено во содржината на Законот за просторно и урбанистичко планирање, но го оценува и како спротивен на владеењето на правото. Дополнително, на денешната седница е одлучено да се запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука, или воведена е т.н. времена мерка која се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука – соопштија од Уставниот суд.

Но, стопирањето на деталниот урбанистички план создава можност да се наплати милионска отштета од џебот на општина Карпош од страна на потенцијалниот инвеститор „Пуцко петрол“.

Како што веќе е објавено, плацот со години стои празен, општината Карпош во два наврати донесе Детален урбанистички план со кој предвидува бензинска пумпа, а инвеститорот Пуцко Петрол го купи државното земјиште и со години не гради.

Уставниот суд донесе и времена мерка со што се забранува издавање дозволи и одобренија за градба во конкретниот Урбанистички план. Во дискусијата на уставните судии се слушна дека мора да се гледа и јавниот интерес за хуманизација на просторот што е содржано и во Уставот, а не како досега ДУП-овите да се гледаат само преку форма.

Сепак, со оваа одлука се отвора можност Пуцко Петрол да поведе нова постапка, како и пред неколку години да бара отштета од десетици милиони евра за изгубена добивка од бенизнска пумпа која не ја ни почнал.

Компанијата веќе доби отштета, а пресудата ја доби затоа што Уставниот суд го поништи конкретниот ДУП поради технички причини.

Но, општината предводена од Стевче Јакимовски преку советот повторно го изгласа истиот ДУП (со исправена техничка грешка и објавување на документ на веб страната), а Пуцко петрол со нова тужба бараше 15-тина милиони евра отштета, а на крај доби само 2,5 милиони евра колку што платил за плацот планиран за бензинска пумпа.

Инвеститорот не бара дозволи со објаснување дека институциите не му издаваат дозвола за местото кое го купил бидејќи не е безбедно за пумпа и си бара милионска отштета. Еднаш веќе успеа, но во сегашната состојба и по конечната одлука на Уставниот суд, доколку го поништи ДУП-от ќе има нова шанса за тужба и нови пари од буџетот на Карпош. 

Доколку пак уставните судии го укинат ДУП-от тогаш ќе нема таква можност. А слични случаи кога поради институционални грешки, инвеститорите добиваат огромна отштета полека стануваат пракса во граѓанските постапки во суд.

Фото: Принтскрин/Гуглмапс

Слично

Поврзани вести