СЕ ШВЕРЦУВА ДУРИ И АРОМА ЗА НАРГИЛЕ - Царината заплени разни стоки
Во
текот на минатите четири седмици, царинските службеници спречија повеќе обиди
за криумчарење разна стока, при што се задржани облека, украси, хируршки
материјали, стакла за очила, леќи за очи, маслиново масло, суплементи, парфеми,
хидраулично масло, користени велосипеди и тротинети, па дури и ароми за наргиле и
фалсификати, соопштија царинските власти.
Од Царината велат дека привремено се задржани 366 парчиња облека, 25 парфеми, 25 полначи за телефони и 2.000 синџирчиња и приврзоци, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.

Запленети се и облека, но и 819 парчиња хируршки материјали и инструменти (катетри, игли со конец, аортни канили, жици за фиксирање градна коска, венски канили, хируршки ножици, васкуларен графт, ларингоскопи и друго), откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при рентгенска контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.
Биле запленети и очила, леќи, маслиново масло, но и суплементи за спортисти.
А, интересно е и што биле запленети и 149 шишенца од 60 ml со ароми за наргиле, марка Healthy Hookah, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на куферот на канадски државјанин кој допатувал со лет од Дубаи. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Дури и детски велосипеди се нашле во запленетата стока од Царината.
Запленета е и стока за која има сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост и тоа 79 парчиња ознаки за ташни од заштитени трговски марки, откриени при контрола на пратка од Хонг-Конг наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските одредби ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност, велат од Царината.
