СЕ РАБОТИ ОД РАНО УТРИНАВА: Целосно затворен дел од булеварот „Македонија“
Поради градежни активности на булеварот „Македонија“, во недела од раните утрински часови ќе биде целосно затворен за сообраќај потегот од Стара Рампа во Кисела Вода до семафорите кај Црвениот Крст. Како што информираат од Град Скопје, затворањето е поради поставување на завршен слој на коловозот во рамки на првата фаза од проектот за реконструкција на булеварот. Од таму додаваат дека со реализацијата на оваа фаза се очекува значително подобрување на проточноста на сообраќајот, намалување на метежот и побезбедно движење по новиот коловоз. Проектот за булевар „Македонија“ предвидува и изградба на подземна сообраќајница, која по целосната реализација треба да претставува значаен чекор кон модернизација на сообраќајната инфраструктура во главниот град.
