СЕ ПРОВЕРУВААТ НАВОДИТЕ НА РЕВИЗОРИТЕ ЗА СЦ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“: Постапката во ОЈО-ГОКК за уредувањето за ОБСЕ е сопрена
Скопското обвинителство го чешла ревизорскиот извештај за Спортскиот центар Борис Трајковски, во кој меѓу другото се наведуваше дека изведените работи и инсталирана опрема кои Министерството за внатрешни работи ги направи во спортскиот центар се уште не се формално предадени во владение на Спортскиот центар.
„Во однос на извештајот за Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во 2023 година, истиот е доставен до обвинителството и во јуни 2025 година е испратен на надлежно постапување во ОЈО Скопје. Оформен е предмет и се преземаат дејствија за проверка на наводите“, велат од Обвинителството.
Ова доаѓа откако владејачката Вреди обвини дека Обвинителството и судството не преземаат мерки за трошењата, во време кога министер за надворешни работи беше кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи.
„Ревизорите утврдија дека над 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) се потрошени за организација на ОБСЕ самитот во Скопје без соодветна документација, без евиденција за испорачаните стоки и услуги и без трајна опрема која требаше да остане во државна сопственост. Тоа отвора сериозни сомнежи за нетранспарентност и злоупотреби на јавни средства“, реагираат од Вреди. Според нив, некој во државата го гледа Османи како свој миленик. „Сѐ ова потсетува на времето кога Бујар Османи беше Министер за здравство и кога исто така доби негативен извештај од Државниот завод за ревизија – со забелешки за незаконски постапки и сомнителни исплати. И тогаш, наместо одговорност, судството го амнестираше. Некоја структура во државата очигледно го штити и негува Бујар Османи како свој миленик“, велат од Вреди. Во меѓувреме, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција констатирало дека нема простор за јавно обвинителска интервенција во предметот за Јавната набавка со која салата во Борис Трајковски се уредуваше за Министерскиот Совет на ОБСЕ.
