Се проблематизира бројот на администратици, Манчевски нова мета на опозицијата
Министерот за информатичко општество и администрација е новата мета на ВМРО-ДПМНЕ од каде како тргнале ништо чудно да поднесат барање за интерпелација и против него. Главниот проблем кој исплива на површина е вкупниот број на вработени во администрацијата во Македонија. Според Манчевски конечна цифра не може да биде дадена бидејќи не сите јавни институции во Македонија воделе соодветни евиденции, ниту пак доставиле квалитетни податоци до министерството. Затоа Манчевски посочи дека од стотина институции ќе мора да следи конкретна проверка на податоците. Од друга страна пак ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека е неспособен и дека со месеци ништо не реализирал, а системот за пресметка на бројот на администрацивци е испробан пред последните парламентарни избори и дека се користат вкрстени методи на проверка.
- Но овој пат, судејќи по изјавата на Манчевски и доставениот број на вработени, може да се заклучи дека наместо да ја повтори утврдената процедура, која бара сериозен ангажман, на ДИК му доставува нецелосен список на вработени, во кој според објавената бројка од 115.729 вработени очигледно недостасуваат десетина илјади вработени. За тоа сведочи и последниот Извештај за податоците за вработените во јавниот сектор, објавен во март 2017-та, во кој се презентирани податоци добиени преку вкрстување на повеќе регистри кои ги водат повеќе институции, а според кој точниот број на вработени на 31 декември 2016 година бил 129.653, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За опозицијата е сосема нелогично сега да нема конечен список од МИОА кога исто така министер на СДСМ веќе го подготвил на општоприфатен начин и нема никакви нови пречки.
- Ако не знае како, не е срамота да праша, наш предлог е да го праша Кирацовски кој активно учествуваше во подготовката на списокот лани, ја познава методологијата на изработка, се увери дека е точен, и конечно, стави свој потпис на истиот. Јасно е дека Манчевски колку и да се труди не може да ги најде 180-те илјади или некој друг имагинарен број на вработени со кој упорно ја манипулира јавноста. За жал, МИОА веќе два месеци ништо не работи. Може слободно да се стави под клуч, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Проблемот во Регистарот се рефлектира и на „Годишниот извештај на вработени во јавниот сектор“. Како резултат на непотполниот Регистар, Годишниот извештај за 2016 година е подготвен врз основа на податоците од повеќе државни институции како што се Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за финансии, тврдат од МИОА и најавија решавање на проблемот.
