СЕ ПРАЗНУВА ДЕНОТ НА РЕПУБЛИКАТА, „120 ГОДИНИ ИЛИНДЕН - ОГНИШТЕ НА ТАТКОВИНАТА“: Делегации на Владата учествуваат на големи настани
-120 години од почетокот на Илинденското Востание кое во нас остави
неизбришлив печат, 120 години од моментот кога во илинденско Крушево е
распламтена вербата дека борбата за македонската државност – вреди, рече синоќа
на отворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“
премиерот Димитар Ковачевски.
Во неговиот говор потенцираше дека Илинденското востание не е ниту почеток, ниту крај.
-Илинденското востание е врвен аманет, завет и историски паметник кој сите пред нас, ние денес но и сите по нас, мора да го имаат пред себе секојдневно! За да паметиме, за да знаеме кои сме, од кога сме! И најважно, за да знаеме каде и како треба да одиме во иднината! Илинден е огништето на татковинатата, Идеал за слободна и независна држава, нагласи Ковачевски.
-На 2 Август- Денот на Републиката - Илинден, што годинава се чествува под слоганот „120 години Илинден - Огниште на татковината“, претседателот Стево Пендаровски ќе се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Камен во Крушево, додека премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати на свеченост на тврдината Кале во Скопје.
-Делегации на Владата учествуваат на сите настани опфатени со државната програма за одбележување на државниот празник 2 Август - Денот на Републиката - Илинден. Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден на 2- Август ќе започне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на тврдината Кале во Скопје ќе се обрати премиерот Ковачевски, а владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот, соопштуваат од Владата во информацијата за програмата за одбележување на празникот.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во 10:15 часот, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август 2023 година, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце. Пендаровски ќе положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, во 12 часот, а ќе биде пречекан од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и ќе остварат билатерална средба, по што се предвидени изјави за медиумите.
Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма.
На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател... Слободната Република траела десет дена.
Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.
Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
