Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ ПОВТОРУВААТ ОГЛАСИ, ИСТИ ФИРМИ ЧЕСТО БАРААТ РАБОТНИЦИ: Kaкви можности нуди пазарот на труд во земјава?

СЕ ПОВТОРУВААТ ОГЛАСИ, ИСТИ ФИРМИ ЧЕСТО БАРААТ РАБОТНИЦИ: Kaкви можности нуди пазарот на труд во земјава?

Граѓаните кои се во потрага по работа забележале дека често на интернет се вртат истите огласи, но и дека нема голем избор за занимања. За одредени професии ретко има огласи. Граѓаните се со став дека нашиот пазар на труд не нуди големи можности.

„Јас сум студент и не сум запознаена со огласите, но мислам дека генерално пазарот на труд кај нас е сиромашен, посебно за градови кои се надвор од Скопје. Сè е сконцентрирано во Скопје“, вели Никола А. студентка.

За помалите градови има многу мал број на отворени огласи.

„Постојано истите фирми бараат работници и нема многу избор во Македонија. Треба да има повеќе работни места и тоа во различни бранши. Ние имаме различни бранши, но често не објавуваат огласи или ги задржуваат постоечките работници, веројатно ги мотивираат на некој начин“, објаснува Емилија П. граѓанка.

Друга граѓанка вели дека изборот за вработување кај нас е мал.

„Нема што да бираат и луѓето од мака се нафаќаат да работат било што. Знам луѓе што си завршиле високо образование, но никогаш не работеле по струка“, вели Весна Р. граѓанка.

Повозрасните велат дека за младите е тешко да најдат соодветна работа. 

„Ништо нема, нема можности. Постојано бараат кадри за едни исти професии“, рече Славица Н. граѓанка.

Зоран Кочоски од агенцијата Коузон објаснува дека ова прашање е сложено и дека треба подетално да се елаборира. Но, наведува дека работната сила во Македонија има големи очекувања, а квалификациите се минорни.

„Одговор на прашањето за нашиот пазар на труд дали е сиромашен,  не може да се даде со „да“ или „не“. Тоа е покомплексна тема. Од една страна работната сила има преголеми очекувања, а немаме воспоставено добра работната култура. Во Македонија ефективноста на работното место е 30 до 40 отсто“, рече Кочоски.

Тој додава дека во земјава работници се бараат на секој чекор, но луѓето не прифаќаат да почнат со работа за пониска плата и потоа да напредуваат постепено, но и да ги зголемуваат своите работни вештини. Дополнително, недостига и работна дисциплина. Вчера на веб страницата на Агенцијата за вработување стоеше податок дека во државата има над 7.600 слободни работни места. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com/yanalya

Слично

Поврзани вести