СЕ ПОЈАВИ ГРУПА КАДЕ ГРАЃАНИ ГО БРАНАТ ПАЛЕВСКИ: Дури има и закани за министерот Оливер Спасовски
По убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес, и откако вчера во Турција е приведен осомничениот Љупчо Палевски Палчо, се формираат групи преку кои се бара правда за Палевски. Тој според институциите е организатор и извршител на две убиства.
Една таква група која бара правда за осомничениот киднапер и убиец има скоро 100 членови и еден администратор – „Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панче, правда за Македонија“.
Групата е направена вчера наутро и во неа има неколку објави. Во нив Палчо најмногу се опишува како „вистински македонски патриот“.
„Сите ние кои лично го познаваме Палчо, знаеме дека тој беше невино обвинет за грозоморното и монструозно убиство на Вања. Знаеме дека заедно со некои негови најблиски соработници им беше формиран случај во кој брутално ги жртвуваа животите на децата. На детето му ја одземаа младоста, радоста што му ја носи животот, потомството, среќата да се биде блиско со саканите, другарите и пријателите… Создадоа непријателско и насилно јавно мислење, создадоа потенцијални чудовишта кои се подготвени да ги распарчат невиниот го обвини Палчо како што би направил најкрвожедниот волк. Потенцијалните чудовишта ќе им го направат истото на сите познаници и колеги на Палчо. Почитувани Македонци, драги сограѓани, драги пријатели и непријатели, ве молиме не спуштајте ги главите, само така ќе можеме да се избориме за вистината, да ги најдеме вистинските чудовишта кои ги убија Вања и Панче. Само така ќе можеме да дознаеме кои се идеолозите, организаторите и извршителите на овие грозоморни, брутални и политички убиства“, стои во објавата на групата.
Во групата има реакција зошто бил откриен идентитетот на лицата, и според нив тоа ја минирало правдата во Македонија. Но, други граѓани се противат на нивните ставови и велат дека се платени да го бранат Палевски. Дури во групата има и закани по живот за министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Вулгарни зборови и закани за бесење има во групата.фото: Принтскрин
